Испечати

Карамел какао со цимет и каранфилче (може и посно)

Карамел какао со цимет и каранфилче (може и посно)

Состојки

  • За една шоља
  • 250мл млеко (или вода за посна варијанта)
  • 1 голема лажица шеќер
  • 1 мало лажиче какао
  • по вкус цимет и каранфилче

Подготовка

Еден од моите омилени пијалоци кои пред некој ден го доживеа врвот на своето постоење. Карамелот ми е исто така еден од омилените вкусови, а какао со цимет мелем за душа, а после оваа комбинација може и крајот на светот да дојде и да не ми е гајле =))

Во случај некој да не знае како се прави какао, ќе го пишам основниот рецепт.

За една шоља какао, потребно е вода или млеко (шољата е мерка)
Се става на оган, се додава мало лажиче какао, не многу полно. Штом зоврие се трга од оган и се додава шеќер. По желба цимет и/или каранфилче.
За засладување најчесто користам мед, но го додавам од како ќе стане млако какаото за медот да не ги изгуби хранливите состојки. Вие можете да засладите со шеќер или што и да користите за засладување.

За КАРАМЕЛ какао

Во садот во кој што ќе го приготвувате какаото ставете го шеќерот, ставете го на оган и мешајте додека да се карамелизира. Јас го сакам попрегорено, ама внимавајте да не го прегорите до степен ќумур =)).
Кога ќе се карамелизира шеќерот, додадете го млекото (или водата) и мешајте додека да се растопи шеќерот. Можете да ја намалите јачината на ринглата или плинот (што и да користите). Кога ќе се подстопи карамелот, додадете го какаото, циметот и каранфилчето и оставете да проврие многу кратко.

Јас секогаш го правам какаото со млеко, со вода ми е бледо. Дури и 3во1 го правам со млеко. Млеко е закон =))
Ова е пијалок што оди и во шишњата со цуцла по дома. Пилиштарците го обожаваат. Какаото е многу хранливо, циметот и каранфилчето имаат антибактериски својства, шеќерот е комплетно непотребен, ама и мајката во семејството понекогаш мисли на себе =))
Шега на страна, најчесто за нив е без шеќер, туку верзијата со цимет, мед и каранфилче.
Многу беше смешно младунче кога ќе ми кажеше насабајле
- Сакаш да пиеме кафенце? - научи од гости што ни доаѓаа, па јас ѝ кажав дека кафенце за деца е какао и така заедно си пиеме какаЛАО (јасно е дека какаЛАО е младунчина кованица, нели? ) =))

Секогаш велам дека трпезата е таа што го собира семејството на едно место, па и ритуалот на пиење кафенце и какаЛао е дел од тоа

Пријатно љокање!