Ѕвездички со мармалад
Состојки
- 500 гр брашно
- 4 лажици кафеав шеќер
- 250 гр путер
- 2 јајца
- прстофат сол
- останати состојки
- 1 јајце за премачкување
- мармалад по желба (24 лажици)
Подготовка
Ова е еден прекрасен, едноставен, а воедно многу вкусен десерт кој е излезен од кујната на Лорејн Паскал. Ова бисквитно тесто е основа за повеќе типови и врсти на колачи, благо, неронливо, а во комбинација со мармалад или ванила крем претставува вистинско задоволство за непце. Или како јас кажувам помини-замини-лапни колаче.
1. Замесете ги состојките за тесто, рачно или во мултипрактик.
2. Обвиткајте го со проѕирна, најлонска фолија и оставете го во фрижидер 30 минути.
3. Уклучете ја рерната да се загрее на 180 степени.
4. Расукајте го тестото и вадете од него кругови со калапче или со чаша , во големина, да ви го собере во калапот за мафини.
5. Калапот за мафини го премачкуваме со путер и ги редиме круговите од тесто. Нежно притискаме за да ја добијат формата на калапот и со вилушка ги боцкаме на дното.
6. Во секое ставаме по една лажица мармалад по желба. Врз мармаладот редиме ѕвездички направени со калапчиња. Секое колаче нежно по тестото го премачкуваме со јајце.
7. Печеме 20 минути.
Користев џем од сливи со рум, џем од боровинки, мармалад од морков и праска и џем од лимон. Излегуваат точно 24 колачиња. Можете да си ставите и ванила крем, оставам да ви работи фантазијата за полнежот, ама со мармалад се оригинални.