Масло од лаванда и средство за заштита од комарци
Состојки
- по потреба цветови од лаванда
- по потреба масло по избор (парафинско, маслиново, кокосово, мешавина од масла или друго)
Подготовка
Во двор имаме насадено 30ина коренчиња лаванда. Уште е млада, има 2-3 години, но почна да цвета преубаво. Летово собравме лаванда повеќе од колку што очекувавме и се ставив во погон да се искористи.
Покрај Џемот од праски со лаванда, направивме и масло, тинктура и скраб за тело со масло од лаванда.
Цветовите од лавандата ставете ги во стаклена тегла. Колку повеќе цветови, толку подобро. Цветовите прелијте ги со масло еден два прста над врвот од цветовите. Затворете со капак и оставете ги на светло 40ина дена, а може и повеќе.
Прецедете го маслото и чувајте го добро затворено во стаклен сад на темно место.
Толку!
Маслото од лаванда ние годинава го направивме со маслиново масло и малку кокосово и го користевме после сончање за регенерација на кожата, а воедно и како средство против комарци. Многу ефикасно е против комарците во текот на целата ноќ. Со оглед на тоа колку комарци имаме и сега во Септември, ние дома уште се мачкаме со него =))
Моја препорака е да се користи ладно цедено масло. Најлесно достапни ми беа кокосовото и маслиновото. Морам да ви кажам да не очекувате да преовладува мирисот на лавандата онаков каков што го знаеме во козметичките препарати.
Најважна е ефикасноста и квалитетот.
Не би ви препорачала да правите масло од лаванда само од кокосово масло, бидејки тоа на собна температура се стврднува. Бидејки станува збор за масло за мачкање, претпоставувам дека пакувањето ќе му биде во некое шишенца или пакување од беби масло, па кога кокосот ќе се стврдне, мачкањето ќе биде отежнато.
Затоа користете ладно цедено масло кое на собна температура не се стега, маслиново, сусамово и сл, а кокосовото додадете го во мали количини, да речеме 1/4 од вкупното масло.
Малслото од лаванда покрај заштитата од комарци и регенерација на кожата после сончање, може да се користии како антисептик, против габи, првут, убоди од инсекти, егзема, смирување (само намачкајте на надусница и вдишувајте) и сл.
Рок на трање нема, но по 2 години му се намалува делотворноста, па може да се користи повеќе за нега на кожата, не толку многу како лек.