Апетитка со везен пипер на мој начин
Состојки
- 10 кг домати
- 3 кг везен пипер од кои 1,5 кг лут
- 700 мл масло
- 2 шољи оцет
- 4 шољи шеќер
- сол по вкус
- 2 чешниња лук
Подготовка
Да ви ја претставам мојата апетитка, која стана неизоставен дел од спремањето зимница.
1. Доматите ги сечеме на половина и ги рендаме на ренде. Лушпата ни останува и ја фрламе. Се варат да им испари водата.
2. Пиперките ги сечеме на кругови, кога ќе испари водата ги додаваме во доматите да провријат и да омекнат, а во исто време го ставаме маслото и оцетот.
3. Целата смеса врие едно половина час, односно додека се згусне, а пиперките омекнат.
4. При крајот го ставаме сечканиот лук, шеќерот, сол по вкус, мешаме и вриеме уште некоја минута. Ја собираме во тегли.
Забелешка
Ние го сакаме вкусот пиперките, вака ни е убава апетитката и јас не го впржувам пиперот иако сум пробала и така да ја правам. Целата подготовка е во сечкањето и рендањето, вриењето е околу еден час, зависи колку ви е воден доматот. Инаку овој пат употребив индустриски домат, со многу малку семки, не толку воден и баш ми се допадна.
Лут везен пипер ставив 1 кг, затоа што беше многу лут, а вообичаено делам половина лут, половина благ.
Од оваа доза ми излегоа 12 тегли.