Чоколаден џем од смокви печен во рерна
Состојки
- 3,5 кг свежи смокви
- 1 кг шеќер
- 3 лажици цимет
- сок од 1/2 лимон
- 300 гр чоколадо
Подготовка
Оваа година си ветив дека нема да правам џем оти лани претерав со количината, па има уште нешто останато. Ние сме повеќе по солените зимници, па џемови, слатка и мармадали не конзумираме во големи количини. Но, викендов, од пријатели чија смоква имала убав род годинава, добив полна кеса смокви. Ми кажаа дека не се благи, па опцијата да ги смрзнам за во зима отпадна и така го прекршив ветувањето за неправење џем! И не само што бидна џем, туку бидна една таква прекраснотија што едно тегличе отиде веднаш! Вредно е да се сподели, оти себично е да ужива само моето семејство, нели?
Јас сум порасната во стан, па мајка ми се за зима подготвуваше дома освен ајвар, кој го правевме во двор кај баба ми и дедо ми. Веројатно од тогаш ми е навиката да готвам исклучиво во кујна иако имаме двор и ќумбенце... Повеќе сакам да сум комотна во кујна отколку растрчана низ двор...
Смоквите ситно ги исецкав и во длабок плех од рерна редев ред смокви, ред шеќер. На крајот ги ставив циметот и сокот од лимон, измешав и печев во рерна на 200 степени. Имам рерна со вентилатор и кога ја споредувам со обична е помоќна, во обичен шпорет би печела на 220.
Пред неколку години се восхитував на џемот од сливи и на тој од капини од една пријателка која живее во близина на Краљево и која е една од најдобрите домаќинки кои ги познавам. Милена ми кажа дека пред крајот на џемот му додава сосема малку темно чоколодо и од тогаш и јас почнав да го применувам нејзиниот совет па бидејќи дома немавме чоколадо го пратив сопругот во продавница. Се врати со 200 грамска чоколада и тогаш добив идеа да ја ставам целата. Ја искршив на коцки и ја ставив 15тина минути пред крајот и убаво измешав.
Воодушевени сме од вкусот па една тегличка отиде веднаш! Инаку излегоа две големи и три малечки тегли.