Испечати

Енсаимадас (Мајорканско вртено пециво)

Енсаимадас (Мајорканско вртено пециво)

Состојки

  • 500гр. брашно
  • 75гр. шеќер
  • 1/2 лажиче сол
  • 40гр. свеж квасец
  • 200мл. топло млеко
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 јајца
  • 200гр. свинска маст
  • по желба мармалад, чоколаден крем, цимет.....

Подготовка

Кој бил на Мајорка сигурно го пробал ова традиционално пециво кое најчесто се полни со „Енгелска коса“ - вид на мармалад од тикви. Најдобро е да се спремаат одвечер а се печат наутро, таман за појадок. Јас првпат ги спремав и нам премногу ни се допаднаа, па морав и тука да го споделам рецептот.
Подготовка
Квасецот растворете го во млекото, додадете малку шеќер и една лажица брашно. Измешајте убаво и оставете да запени.
Во еден длабок сад ставете го брашното, шеќерот, солта, маслиновото масло и јајцата, па додадете го и квасецот со млекото. Замесете меко тесто кое треба малку да се лепи за рацете. Ако ви се чини дека е премеко, додадете малку брашно, но не претерувајте. Убаво измесете го тестото и вратете го во садот, покријте со крпа и оставете да стасува додека го дуплира волуменот.
Премесето го само кратко и поделете го на осум топчиња. Покријте ги со крпа и оставете да одморат околу 15 минути.
На намастена површина земете едно топче и со сукало развлечете го во овална форма. Внимателно со прстите извлечете колку можете потенка кора. Премачкајте убаво со омекната свинска маст и по желба ставете полнеж. Јас половината ги направив со домашен мармалад од јагоди а останатите празни.
Заролајте ја кората и ставете на страна да одмори. Истото направете го и со останатите топчиња тесто.
Премачкајте два плеха со маслиново масло. Земајте од зароланите кори и формирајте полжавчиња во плеховите, но внимавајте при оформувањето да оставите малку простор бидејќи нараснуваат доста.
Откако сте завршиле со оформувањето, покријте ги со крпа и оставете 10-12 часа да стасуваат. Најдобро одвечер да ги спремите и наутро само ставете ги да се печат и имате топол и вкусен оброк.
Се печат во загреана рерна на 200 првите 5 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 и оставате да се допечат. Кога се готови, веднаш посипете ги обилно со шеќер во прав и послужете ги топли. Уживајте!

Енсаимадас имаат тенка крцкава кора, а внатре тестото е пре-премеко. Нема многу работа околу нив, а и стасувањето на тестото оди брзо.