Козјо кисело млеко по рецепт на дедо Ѓоко
Состојки
- 700 мил варено козјо млеко
- 1 лажица кисело млеко
- 1 капка сириште (маја за сирење)
Подготовка
Се месеци маки мачев со поткиселување на козјото млеко. Што и да правев, секогаш излегуваше ретко (нешто помеѓу кисело млеко и јогурт). А бидејќи имам дете кое сака да јаде кисело млеко, не и да пие јогурт не се откажував од идеата да направам козјо кисело млеко кое е доволно густо како и кравјото. Како што тоа обично бива, решението чинело пет пари, ама требало некој искусен да ми го каже. Џабе форуми и родителски групи, Ѓоко, човекот од кој земаме млеко беше мојот спасител! Тоа е едно вредно човече (не е воопшто дедо, но ете иако е млад има внука па и ќерка ми си го завика дедо) од кое може да се научи доста, ама тој скормен не зборува, мене не ми текнало него да го прашам...
Нејсе, решението го имам, а доста млади домаќинки кои користат козјо млеко ме прашуваат, па да не го препишувам рецептот постојано, го ставам овде. Можеби некој што ја имал мојава мака ќе се израдува.
1. Сварете го млекото и оставете го да се лади.
2. Кога млекото е доволно оладено, ставете го во садот во кој ќе го поткиселувате, ставете една лажица убаво разматено кисело млеко и само една капка сириште. Јас секогаш користам стаклени тегли, затоа и ја ставив мерката 700 мил.
3. Садот завиткајте го во крпа или ставете го во рерна загреана на 50 степени (ова ми е совет од Лудо). Нека отстои барем 3-4 часа и готово е! За разлика од кравјото млеко кое ако го заборавите подолго може да добие покисел вкус, кај козјото не сум забележала промени во вкусот иако еднаш го заборавив доста долго. Јас обично го поткиселувам навечер и го ставам во фрижидер сабајлето.
Објаснување за оние кои не поткиселувале млеко, искусни домаќинки нека го прескокнат - Млекото е спремно за киселење кога е на температура од 42 степени. Ако немате термометар, тогаш проверувајте со прст. Кога ќе можете да издржите прстот да ви остане во млекото, а да не ви е претопло, ставете го потквасот и сириштето.
Сириште можете да најдете во поголемите маркети, но и по продавничките на пазар.