Мексиканска чорба со салса и домашни тортиљи
Состојки
- За чорбата
- 1 главица кромид
- 2-3 чешниња лук
- 400 гр. црвен грав од конзерва
- 200 гр. лупени сецкани домати
- 1 лажица чили сос
- 300 мл. вода (или супа од зеленчук)
- по вкус сол, бибер
- За салсата
- 1 главица црвен кромид
- 1 домат
- 1 авокадо
- по вкус магдонос, сол
- За тортиљите
- 2 чаши (од 240 мл) брашно
- 1/2 лажичка сол
- 3/4 чаша вода
- 2 лажици масло
- по потреба пченкарно брашно за расукување
Подготовка
Ако сте љубител на малку лути и пикантни јадења тогаш оваа чорба сигурно ќе ви се допадне. Се служи со салса и тортиљи, кои ви предлагам да ги приготвите сами. Рецептот е брз и лесен а вкусот на топлите, домашни торитљи е многу поубав од тој на купечките.
Се подготвува на следниот начин
1. За чорбата најпрво на масло запржете го сецканиот кромид и лук додека не омекнат. Додајте ги сецканите домати, чили сосот и гравчето со се течноста. Пропржете ги уште малку, додадете ја водата (супата) и оставете да проврие. Потоа намалете го и нека се вари 15-20 мин. На крај чорбата испасирајте ја, зачинете ја со сол и бибер и вратете ја на оган уште еднаш да проврие. Потоа може да ја служите.
2. За тоа време направете ги тортиљите. Во сад измешајте го брашното со солта, па додадете ја водата и маслото и измешајте со лажица. Тестото е лепливо, па истурете го на побрашнета површина и кратко време измесете го. Не додавајте многу брашно, тестото треба да биде помеко. Оставете го да одмори 10-15 мин. Потоа поделете го на топчиња, секое расукате го на малку пченкарно брашно и печете го на намастена тава за палачинки од двете страни. Готовите тортиљи редете ги една над друга и ако веднаш не ги користите, покријте ги со кеса за да не се стврднат.
За служење премачкајте ги со павлака, додадете од салсата, неколку капки чили сос и завиткате ја тортиљата.
3. За подготовка на салсата, исецкајте ги сите состојки на ситни коцкички, измешајте и додадете сол по вкус. Салсата приготвувајте ја непосредно пред служење, бидејќи сецканото авокадо многу брзо потемнува. За таа цел можете во него да ставите неколку капки лимонов сок.
На здравје