Испечати

Чорба од леќа

Чорба од леќа

Состојки

  • 250 гр леќа
  • 1 корен од пашканат
  • 2 помали моркови
  • 2-3 ловорови листови
  • За кнедлите (се варат во посолена вода )
  • 1 јајце
  • 100 гр брашно
  • За запршката
  • 4 чешниња лук
  • 1/2 лажиче црвен пипер
  • 1 лажица брашно
  • 1 пар чадени колбаси
  • 1/2 лажиче шеќер

Подготовка

Еве една превкусна чорба, која се надевам ќе стане дел од вашиот секојдневен ручек.
Во сад на оган ја ставаме претходно исчистената леќа да се вари.
Додаваме морков и пашканат исецкани на коцки.
И ловоровиот лист го пуштаме во леќата и оставаме да се вари.

Во друг сад го замесуваме јајцето со брашното.
Месиме додека не добиеме тврдо тесто од кое сукаме сукалце и сечкаме парченца.
Од тие парченца формираме мали кнедлички кои ги вариме во посолена вода во која додаваме малку масло.
Откако се варени кнедлите ги цедиме и плакнеме со студена вода. Оставаме добро да се исцедат.

На страна во тава на оган ги пржиме колбасите кои претходно ги исецкавме на тркалца. Ги додаваме кнедлите и наросуваме црн бибер и сол. Додаваме и пола лажиче шеќер. Пропржените колбавчиња и кнедли ги префрламе во чорбата од леќа, а во истото масло го додаваме ситно сецканиот лук. Откако ќе се запржи му додаваме брашно. Кога брашното поруменува го додаваме црвениот пипер и промешуваме. Запршката ја додаваме во чорбата која е на оган. Оставаме да поврие околу 5 минути и чорбата е готова.
Забелешка
Чорбата е уште повкусна ако ја служиме со оцет кој е зачинет со ситно сецкан магдонос и лук.
На здравје