Испечати

Ролат со црвено песто

Ролат со црвено песто

Состојки

  • За тесто
  • 300 мл. вода
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажичка шеќер
  • 2 лажици маслиново масло
  • 600 гр. брашно (отприлика)
  • 20 гр. квасец
  • За црвено песто
  • 1 шоља (240мл) сушени домати (моите беа во маслиново масло)
  • 1 рака листови босилек
  • 1/2 шоља лупени несолени бадеми
  • 1/2 шоља рендан пармезан
  • 2 парчиња пелати од конзерва (излупени долгнавести домати)
  • 3-4 лукчиња
  • по вкус сол, бибер и маслиново масло
  • Останато
  • по вкус моцарела
  • по вкус димена шунка

Подготовка

Ако си спремате сушени домати за вашата зимница, можете од нив да направите еден превкусен сос - црвено песто. Сушените домати, маслиновото масло, босилекот, лукче, пармезанот и бадемите кога ќе се спојат во едно се добива сос со навистина преубав вкус. Јас го додавам во многу јадења, солени теста, тестенини, компири.......дури и едноставно само намачкано на лепче со некое убаво сиренце.
Ако се одлучите да си го направите, еве една идеја за вкусен ролат каде што може да го искористите.

Се подготвува едноставно на следниот начин

1. Од наведените состојки се замесува тесто и се остава да кисне и да го удвостручи обемот. Јас користев тесто за пица, а вие ако имате ваше омилено тесто за солен ролат секако може да го искористите.

2. Стасаното тесто се расукува во правоаголна кора и се премачкува со тенок слој од пестото. Одозгора се посипува сецкана моцарела и парчиња димена шунка.

3. Ролатот се витка, се става во тава за печење и се остава покриен да одстои додека се загрее рерната. Се пече на 200 па на 180Ц околу 30-35 мин.(зависно од вашата рерна)

Пестото се подготвува исто така едноставно

1. Сите состојки (освен ренданиот пармезан) се ставаат во апарат за сецкање, се сецка и постепено се додава маслиновото масло додека не се добие густ сос. Во готовиот сос се додава пармезанот. Солта додадетете ја на крај по вкус, кога е готов сосот бидејки пармезанот е доста солен. Остатокот од пестото кој нема да го искористите можете да го чувате во тегла во фрижидер и до две недели , прелиен со убав слој маслиново масло и да го искористите за друго јадење.

На здравје