Засечен компир печен во рерна
Состојки
- 6-7 средни компири
- 3 лажици путер
- 3 лажици маслиново масло
- сол, зачини по желба
Подготовка
Малку поинаков начин на печење компир во рерна.
1. Компирите убаво се мијат и се сушат со крпа. Доколку сакате може и да ги излупите, но и не мора. Се засекуваат на ширина од околу 5 мм, и тоа 3/4 од компирот. (се внимава да не се пресече до крај) Компирите се редат во плехче, еден до друг.
2. Путерот се растопува во тава, па се додава маслиновото масло и се полеваат компирите, да влезе и во засеците. Се посолуваат компирите и се ставаат и други зачини по желба - мешан зачин, копар и др.
3. Се ставаат во загреана рерна и се печат на 200 степени околу 50 минути. Повремено се вадат од рерната и се преливаат со смесата од путер и масло која се слева на дното од плехчето.
Одличен прилог со било какво месо. На здравје!
Совет - За да не ви избега ножот во сечењето, компирот ставете го меѓу две дрвени стапчиња кои ќе ви бидат како граничници, за да не го исечете сосема до крај.