Пица лубеница (декорација)
Состојки
- 1 лубеница
- неколку видови на овошје со различна боја
- 2 лажички ситно рендано бело сирење
Подготовка
Често гледам како повеќето луѓе обожаваат да јадат лубеница или грозје со сирење. Еден од нив беше и дедо ми, кој не успеа својата сакана внука да ја убеди на тој вкус. Во негово сеќавање, а за драги пријатели решив оваа идеја од нет да ја направам и ете да ја испрезентирам и овде. Се надевам дека и вам како идеја за сервирање овошје врз подлога на лубеница исто така ќе ви се допадне и ќе ја примените за некоја убава пригода.
Со долг и остар нож се пресекува лубеницата на половина и од едната половина се сечи круг со дебелина од најмногу 2 см.
Тркалезното парче лубеница се става врз рамна подлога и се сечи на парчиња како што ја сечиме пицата.
Врз секое парче ставаме од избраното овошје, кое како што рековме треба да е со различни бои и секако, по избор или она со кое се располага во моментот.
Овде е употребена праска, црно и бело грозје, и црни сливи со црвена срцевина. Ќе беше можеби и поефективно ако најдев киви, но за некоја следна прилика...
Одозгора се посипува со ренданото сирење.