Посни бомбици
Состојки
- Здрави, посни бомбици
- основна смеса (за 15 бомбици)
- 1 поголема зрела банана
- 3 лажици мед
- 2 чаши фини овесни снегулки (или трици)
- додатоци
- 2 лажици мелени семиња (тиква, сочоглед, лен, сусам)
- 5 - 6 бадеми
- 5 - 6 урми
- прстофат ѓумбир
- 2 лажици кокос
- 1 лажица какао
Подготовка
Брза, здрава и вкусна варијанта на бомбици. Може да се направат многу комбинации.
Овој пат направив 5 видови.
За основата
1. Во сад за мешање убаво се пасира бананата.
2. Се додава овесот и медот и убаво се замесува.
3. Се дели на 5 делови (или колку сакате видови, толку)
За првата петтина
1. На рамна површина ставаме мелени семиња.
2. Се дели 1/5 од целата смеса на 3 делови.
3. Се прават топчиња и се „валкаат“ во мелени семиња.
За втора петтина
1. Бадемите ситно се сечкаат или блендираат (по вкус)
2. Се дели 1/5 од целата смеса на 3 делови.
2. Се прават топчиња и се „валкаат“ во бадемите.
За трета петтина
1. Ситно се сецкаат урмите.
2. Така исецкани се додаваат на 1/5 од целата смеса, се става прстофат ѓумбир и се промесува.
3. Смесата ја делиме на три делови и правиме топчиња.
За четврта петтина
1. Кокосот се става на рамна површина.
2. Се дели 1/5 од целата смеса на 3 делови.
2. Се прават топчиња и се „валкаат“ во кокос.
За петта петтина
1. Какаото се става на рамна површина и се додаваат неколку капки вода колку да биде малку растворено (да добие чоколадна боја)
2. Се дели 1/5 од целата смеса на 3 делови.
2. Се прават топчиња и се „валкаат“ во какаото.
Јас за рамна површина си ја користев даската за сецкање, како завршував со една тура си ставав нова смеса. Може да се додадат и лешници, суво грозје, смокви, брусница, кикирики, ореви итн.
Навистина е многу брзо, вкусно, полно протеини, растителни влакна и инспративно за многу нови здрави комбинации.