Брза и лесна зелена пита
Состојки
- 3 јајца
- 2 шољи бело брашно
- 1 шоља пченкарно брашно
- 1 шоља масло
- 2 шољи кисела вода или јогурт
- 1 пакетче (8-10 гр) пециво
- сол и бибер по вкус
- 500гр (или по вкус) зелено (штавељ, блитва, спанаќ, праз)
- 3-4 главици кромид
- По желба прелив
- 2 јајца
- млеко или јогурт по потреба за густа смеса
Подготовка
Од оние пити што ги приготвувам на нерасонето сабајлечки, а додека да се спреми, веќе сум се расонила =))
Се матат јајцата убаво со миксер. Се додава маслото, па водата или јогуртот и на крај брашното со пецивото. Сол се додава по вкус.
Спанаќот или кое зелено и да го одберете, убаво измијте го, одстранете ги рачките (блитва и штавељ имат тврди рачки), исецкајте го на ленти и ставете го во смесата.
Кромидот исецкајте те го ситно. Оставете неколку кругови кромид за декорација. Мешајте со лажица да се измешаат убаво.
Сипете во тавче за печење и печете во загреана рерна на 200 степени 30-40 мин.
Пред крај доколку сакате можете да прелиете со смесата за прелив и да наредите кругови кромид. Вратете во рерна да се допече 10ина мин.
Зеленото нема потреба да се обарува или пропржува, убаво се приготвува и без тоа.
Пријатено јадење!