Шарен декоративен ролат со ванила крем и вишни
Состојки
- Тесто
- 5 јајца
- 5 големи лажици шеќер
- 5 големи лажици брашно
- Декорација на тесто
- 1 белка
- 30 гр путер/маргарин
- 20 гр какао
- 20 гр шеќер
- 20 гр брашно
- За фил
- 1 пакетче ванила пудинг (околу 40грама)
- 500мл млеко
- 6 големи лажици шеќер
- 125гр путер/ маргарин (половина од прилика)
- Дополнително
- по потреба/желба вишни свежи или од слатко
Подготовка
Има малку повеќе работа, ама на крај добивате храна за очи и душа =)
Прво се приготвува филот, за да има време да се олади.
Млекото ставете го на оган да се вари и додадете го шеќерот. Од него одделете мал дел за да го растворите прашакот за пудинг. Кога млекото е пред вриење, додадете го растворениот прашак за пудинг и мешајте додека не добиете многу густа смеса.
Оставете го да се олади и кога е леден додете го пенесто изматениот путер/ маргарин. Матете додека да се соединат.
Декорација
Состојките за декорацијата убаво се матат со вилушка да се соединат во еднолична смеса.
Доколку сакате конкретна декорација, тогаш со дрвено моливче исцртајте ја декорацијата на хартијата за печење. Пред да почнете со исцртување на декорацијата со смесата, обавезно превртете ја хартијата од другата страна. Хартијата е провидна, па без проблем ќе може да го следите исцртаното со смесата за декорација.
Смесата ставете ја во шприц или во најлонско ќесе на кое му е пресечно врвчето. Дебелината на декорацијата ќе зависи од дебелината на пресеченото врвче. Самата смеса за декорација е густа, нема да се разлева воопшто. Оставете го тавчето во фрижидер или замрзнувач, смесата да се стегне убаво пред да ја полеете со тестото.
Цртајте ги формите на хартијата и прелијте ги со смесата за тесто.
Тесто
Петте јајца на собна температура убаво се матат со петте лажици шеќер, да згусне и да нарасне. Се трга миксерот и се додаваат петте лажици брашно, но се мешаат со лажица, не со миксер. Кога убаво ќе се соедини смесата се сипа во плехче обложено со хартија за печење и се пече 5 мин на 250 степени во загреана рерна.
Нема потреба да се мота во влажна крпа по печењето, само се остава да се олади.
Готовото и оладено тесто се премачува со филот, се редат вишните и се мота како ролат. Се остава да се олади убаво во фрижидер, за да може филот да се стегне и убаво да се сече, а не да се срка со лажица =))