Сируп од дренки без варење
Состојки
- 2,5 кг дренки
- 3-4 л вода
- 4 лимонтуса
- 4 кг шеќер
Подготовка
Ова е рецепт за домашен сируп од кој се добива екстра освежителен домашен сок, со сите корисни состојки што ги содржи овошјето.
1. Дренките со лимонтусот и 3 литри вода ги оставаме да се киснат 24 часа.
2. Со помош на алатката за пасирање компир, ги гмечиме веќе омекнатите дренки.
3. Потоа низ цедалка, која е доволно крупна, ама не колку семките од дренки, ги поминуваме пасираните дренки, така да ни останат само семките. Можеме и семките повторно да ги премиеме со малку вода (до литар, затоа што е многу густа смесата).
4. Течноста што сме ја добиле, ја поминуваме низ соковник, за да се отстранат покрупните делови кои ни поминале низ цедалката. Сокот го мериме колку литри е и на литар сок додаваме килограм шеќер. Можете да ставите и повеќе, ама мене вака ми е идеален.
Вака јас го подготвив.
Ако немате соковник, поминете ги дренките низ газа и така ќе ја завршите работата, само ќе ви треба добар и силен помошник кој ќе ви помогне во цедењето, доколку сакате совршено да ги процедите корисните состојки од дренките, а да ви останат само семки.
Од оваа доза излегуваат 7 литри сируп.