Видео рецепт: Пикантни солени еклерчиња
Состојки
- За ЕКЛЕРИТЕ ќе ви треба:
- 60 мл. масло
- 125 мл. вода
- 1/4 лажиче сол
- 90 гр. брашно
- 2 јајца
- За ФИЛ ќе ви треба:
- 250 гр. урда
- 1-2 лажици ајвар
- 1/4 лажиче буковец
- 1 лажица кисела павлака
- 100 гр. рендан кашкавал
- Ќе ви треба и:
- магдонос за декорација
Денес ќе готвиме заедно со Катерина, готвач член на нашата веб-страница. Катерина ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Пикантни солени еклерчиња.
Мини еклерчиња полнети со солен фил од урда и ајвар. Не само што се вкусни, туку и многу декоративни!
Подготовка
Чекор 1: Во лонецот ставете да зовријат маслото, водата и солта. Кога ќе зовријат додадете го брашното, промешајте и тргнете го на страна. Во садот едно по едно додавајте ги јајцата и матете за убаво да се соединат.
Чекор 2: Со шприцот за колачи, или со мало лажиче, правете форми од тестото и редете ги во тавата. Печете ги во загреана рерна на 200 степени 5 минути, потоа уште 15 минути на 180 степени. За време на печењето не ја отварајте вратата од рерната. Кога ќе бидат готови, оставете ги да се оладат.
Чекор 3: Во сад за матење ставете урда, ајвар, буковец, павлака и рендан кашкавал и мешајте убаво да се соединат. За попикантен вкус употребете лут ајвар и буковец.
Чекор 4: Пресечете ги еклерите на половина, полнете ги со филот, ставете магдонос и затворете ги. Потоа сервирајте ги на чинија.
СОВЕТ: Овој рецепт е ефтин и не одзема премногу време за подготовка, а е многу вкусен и декоративен, одличен за семејните прослави. Нам ни излегоа 40-тина еклерчиња.