Џем од модри сливи со рум
Состојки
- 2,5 кг модри сливи
- 350 гр шеќер
- 3-4 лажици рум или неколку капки екстракт од рум
- 2 кесички ванилин шеќер
Подготовка
Сливите убаво измијте ги. Исечете ги прво на половина, па на четвртина и при тоа извадете им ги семките. Ставете ги во тенџере кое ви го собира во рерна. Ставајте ред сливи, ред шеќер, ама може и да ги измешате заедно. Посипете една шоља вода. Сметајте на тоа дека целата смеса ќе врие и треба да оставите доволно простор во висина, за да не ви претекува смесата.
Уклучете ја рерната на 200 степени и печете. На почеток кога ќе почнат да пуштаат сок промешајте ги, а и во текот на печењето промешувајте. Ќе ви требаат околу 1 час и половина до 2 часа (од прилика, зависи до рерната и до сливите) за да се сварат т.е испечат, откако ќе почнат да вријат. При крајот на печењето додадете го румот и ванилата. Впрочем, џемот е готов кога со лажица ќе поминеме по дното на тенџерето и лажицата ќе направи пат, односно ќе го видиме дното.
Џемот го ставаме жежок во измиени, стерилизирани и по можност топли тегли.Ги ставаме една до друга и ги покриваме или завиткуваме, ама може да ги вратиме и во рерна, иако тие поради тоа што џемот е жежок ќе се затворат убаво.
Забелешка
Ако сакате да немате парчиња од сливи низ џемот, иако нели, поради тоа се вика џем, а и дека се пече, можете одкако ќе се испече да го поминете со миксер, тој веднаш ќе се измазни.
Пробајте со оваа количина на шеќер, иако блажината зависи и од тоа колку се благи сливите, ама јас сакам да го почувствувам и овошјето, а не само шеќерот.
За џем најдобро е да употребите помеки сливи.
Ако сакате џемот да ви е погуст му треба малку повеќе печење. А најдобра проба е на тацна да извадите и да видите кога ќе се излади каква густина има. Инаку и во теглите кога ќе се стави тој се згуснува откако ќе се излади.
Ако сакате додајте и сок од лимон, во тој случај добива поцрвенкаста боја. Нема некоја филозофија околу подготовката....само добра воља.