Маринада за меко и сочно месо
Состојки
- 1 кг месо (било кое или мешано ако сакате)
- 1 сок од лимон
- 1 чајна лажичка сода бикарбона
- 1 чајна лажичка густин
- По потреба брашно
Подготовка
Најчесто за посочно и помеко месо, мојата пракса е најпрво месото да го подварам, а потоа да го пржам или печам, или пак доколку го печам, го приложувам и со додаток на чаша до 2 вода, во зависност од количината. Но, некогаш во зависност од ситуцаијата или рецептот не треба или се нема време за тој ритуал, па оваа маринада му доаѓа како одлична замена. Одлично се наоѓа за подготовка на кинески јадења со месо или пак за пропрема на месото за гулаш. А особено го препорачуваат при подготовка на лигњи.
Во сокот од лимонот додадете ја содата и густинот. Предлагам дел од лимонот да замените со вода или пак едноставно да додадете, бидејќи во зависност од истенченоста на вкусот, можи некој да осеќа и мала киселот кога ќе се јади месото.
Месото е најдобро да се исечи на поситни парчиња, но кај мене одеше вака, во стек парчиња. Се потопува со предходно убаво измешаната маринада и се остава да стои 20на минути.
Потоа, секое парче се набрашнува и се пржи или како во мојот случај се грилова. Многу битен момент пред да продолжите понатаму да го третирате е прво убаво да го испржите, испечите, па потоа да додавате течности, како вино или нешто слично.
Јас откако убаво го испржив од двете страни во грил тавата, потоа додадов бело вино и на крај откако малку издинста си додадов малку вода и си направив со течноста сос. Но, рецептот е посветен на маринадата, а понатаму третирањето и финализирањето на јадењето останува на желбата на готвачот.
Сода бикарбона има широка пракса во месната индустрија. Често се употребува за „подмладување“ на старото месо, кое покасно купувачите можат да го третираат како лесно зготливо. Исто така, содата искусните домаќинки знаат добро да ја искористат и додавајќи ја во пржењето кромид кога немаат време, така што таа побрзо го омекнува кромидот и пржењето пократко трае. Пишани искуства од домаќинки, исто така тврдат дека ако додадете сода бикарбона во гравот за варење, зрната нема многу да се надујат. Се е желба на вкус, а јас знам дека ова последното никогаш нема да го пробам, бидејќи обожавам кога гравот ќе набубри од варењето : )