Декоративен ролат со мелено месо
Состојки
- 1 Дел:
- 500 гр мелени пилешки гради
- 1 јајце
- 1 рендан кромид
- 1 кришка леб (само мекиот дел потопен во вода)
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1/2 лажичка мелен бибер
- 2 Дел:
- 500 гр мешано мелено месо (говедско со свинско)
- 1 рендан кромид
- 1 лажичка мелен црвен пипер
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1 лажичка мелен бибер
- 3-4 лажици лебни трошки
- 6 моркови за средината на ролатот
Подготовка
Е, оваа рецепта ми е од Бубе и Дејан. Бубе е братучетка на мојот сопруг, ама повеќе ми е како пријателка. Морав да ги пишам двајцата, затоа што Бубе ми го кажа рецептот, ама знам и дека Дејан многу сака да се вртка во кујна, па и тој најчесто го прави ролатот.
Ролатов не е сложен за подготовка, а што би рекол Деки, „можеш да си ставиш што сакаш во него“. Јас се одлучив за оваа варијанта со морков.
1. Морковите ги вариме, ама да не бидат преварени. Пилешките гради ги мелеме во сечко и ги додаваме останатите состојки.
2. Во меленото мешано месо исто така ги мешаме сите останати состојки.
3. Го расплескуваме прво мешаното мелено месо на најлонска фолија, па потоа пилешкото мелено месо. За да ни биде рамномерно распоредено може месото да го покриеме со фолија и со сукало да поминеме врз него. Исто со двете меса.
4. На почетокот од ролатот ги редиме морковите. Почнуваме внимателно да го виткаме ролатот.
5. Ролатите ги ставаме во алуминиумска фолија и ги печеме на 200 степени, додека да почне да зацрвенува месото. Во тавчето во кое ги печеме, добро е да ставите малку вода за да не ви загорат. При крај на печењето отворете ја фолијата, за да се зацрвени месото.
Ролатот е декоративен и вкусен и може да го направите за некоја празнична или домашна прослава.
Од оваа доза излегуваат два ролати.
Пријатен апетит!