Брзи бесрамни лижавчиња
Состојки
- 250 гр чоколадизиран кекс
- 1 лажица мед
- 1 лажица какао
- 1 лажица путер
- 25 стапчиња
- 100 гр бела чоколада
- За украсување, шарени и чоколадни трошки, листови бадем, цветчиња и сл.
Подготовка
Овие лижавчиња, колачиња, бомбици на стапче, како сакате наречете ги, ама се вистинска радост за децата. Не одземаат повеќе од половина час за подготвување, ама крајниот резултат е ова што го гледате на фотографијата.
1. Чоколадните кекси ги ставаме во сечко да се сомелат. Додаваме мед, путер и какао. Можете и да ги замените овие состојки со една голема лажица чоколаден крем. Јас немав крем, па ја направив оваа комбинација.
2. Замесуваме тесто и правиме топчиња. Ги ставаме 15 минути во замрзнувач да се стегнат.
3. Ја топиме белата чоколада и секое стапче со врвот го потопуваме во чоколадата. Го боцкаме секое бомбиче. Значи ова ќе ни биде кочница да не паѓаат бомбиците.
4. Оставаме да се стегне чоколадата околу стапчето и потоа секоја бомбица ја потопуваме во белата стопена чоколада.
5. Ги украсуваме веднаш по потопувањето (може некоја секунда да причекате, за да се поврзе чоколадото со бомбицата).
Забелешка
Кога ми текна да ги подготвам, ја имав само оваа врста на суви чоколадизирани кекси. Инаку можете да ги направите од било какви колачи, дури и колачи со фил, лепени или американски колачи, само треба да ја погодите влажноста за да се врзат во бомбици. Значи треба да калкулирате со кремот или медот за да добиете убаво топче.