Испечати

Торта со диња и маскарпоне

Торта со диња и маскарпоне

Состојки

  • За пандишпан
  • 4 јајца
  • 230 гр шеќер
  • 150 мл млеко
  • 50 мл масло
  • 250 гр брашно
  • 1 пециво
  • За шербет
  • 250 мл вода
  • 250 мл шеќер
  • 250 гр диња
  • За бел крем
  • 150 гр крем сирење (може и маскарпоне)
  • 200 мл слатка млечна павлака
  • 200 гр диња
  • Во шербетот се става сок и кора од 1 лимон

Подготовка

Прекрасниот спој на вкусот на диња во шербет, заедно со останатите состојки во тортава, предизвикаа вистинско воодушевување. Кој проба, знае, а кој ќе проба да ја направи нема да зажали и вистински ќе биде горд на изненадувањето кое го подготвил за своите најблиски.

Околу тортава нема многу работа, воопшто не е комплицирана и брзо се прави.

1. Јајцата ги матиме заедно со шеќерот за да се дуплираат при што маталките од миксерот да почнат да оставаат траги низ нив.
2. Ги додаваме постепено сите состојки, а пецивото претходно треба да ни биде измешано со брашното. Ставаме хартија за печење во калапот во кој ќе ја печете тортата. Калапот треба да ви е со број 26, може и помал. Мојот во случајов е помал, јас печев во силиконската тава од Делимано. Само малку ја намрсив со масло.
3. Печеме на 200 степени. Најдобро е со чепкалка да проверите дали е печен пандишпанот. Ако е сува целосно чепкалката, печен е.
4. Откако ќе се испече, ја оставаме да се лади,ама и не мора и ја сечеме на половина. Едната половина ја цепкаме на парчиња.
5. Шеќерот и водата ги ставаме на оган да вријат најмалку 5 минути. Потоа ги додаваме кората и сокот од лимон, вриеме уште минута, па ја додаваме дињата исечкана на мали парчиња. Вриеме уште неколку минути.
6. Шербетот додека е допол го истураме во дробениот пандишпан и убаво промешуваме. Ова ќе ни биде филот на тортата, кој го ставаме врз останатиот дел од пандишпанот.
7. Крем сирењето и слатката павлака ги мешаме со миксер колку да се спојат двете состојки. Ставаме во шприц од смесата и ја филуваме тортата.
8. Украсуваме со парчиња диња кои ги прелеваме односно со четкичка ги премачкуваме внимателно, со стопен мед, за да бидат сјајни.

Забелешка
Бидејќи се работи за големо количество на смеса за пандишпан, а јас баш сакав во помало тавче да ја печам, морав врз него да ставам хартија (кога веќе почна да прави коричка) за да не ми изгори пандишпанот одозгора.
Кога се поврзаа вкусовите во тортата, а ја оставив една ноќ во фрижидер, долниот дел беше како парена торта, многу убаво се сечеше.
Ако немате маскарпоне или крем сирење, направете си домашно како јас што си правам, еве линк http://moirecepti.mk/post/домашно-маскарпоне-сирење