Испечати

Прелив од вишни

Прелив од вишни

Состојки

  • 1 кг вишни
  • 450 гр шеќер
  • 1 лимонтус
  • 1 ванилин шеќер
  • 800 мл вода

Подготовка

Преливот од вишни настанува кога по грешка ќе го преварите сирупот односно сокот од вишни =)
Вака го открив јас преливот од вишни. Една година подготвувавме зимница, ама некако се погодија повеќе работи за да се завршат во ист ден, па се случи да подготовката т.е. при варење на сирупот од вишни, тој да биде заборавен. Малку се превари и излезе преубав прелив од вишни кој цела зима си го користев за прелив на колачи и торти. Од тогаш па наваму редовно си правам, ми се наоѓа.

Измиените вишни ги ставаме во сад со водата и лимонтусот, може и да ги изгмечите низ раце, ама не мора и така треба да стојат 24 часа.
Потоа ги поминуваме низ газа, добро да се процедат.
Во сокот го ставаме шеќерот, мешаме да се растопи.
Сокот го ставаме на оган. Додека врие ја тргаме пената од него.
Е сега го вариме повеќе време. Го пробуваме преливот дали е готов со тоа што го ставаме на тацна и откако ќе се излади гледаме дали е доволно густ.
Не се работи за многу време, мислев на тоа дека треба повеќе во однос на правење на сок од вишни. Ако на сокот му требаат 5-10 минути убаво вриење, на преливот ќе му треба малку повеќе.
Одличен во чоколадни торти и кремови. Многу го користам за време на пости кога подготвувам суви торти или колачи, бидејќи им дава многу красит вкус.