Превртен тарт со домати (може и посно)
Состојки
- 500 - 600гр домати
- 3-4 големи лажици маслиново масло
- по потреба ливчиња свеж босилек
- сол и бибер
- Тесто
- 225 гр бело брашно
- 25 гр пченкарно брашно
- 150гр путер или маргарин на собна температура
- 1 јајце (може да се изостави)
- по желба ситно рендано сирење
Подготовка
Ептен брзо, ептен лесно, а мирисот кога се пече...КРАЈ!
Јајцето во тестото може да се изостави и имате супер вкусно, посно јадење.
Прво вклучете ја рерната на 180 и замесете глатко тесто од сите состојки и оставете го на страна.
На тавчето во кое ќе печете наместете масна хартија и врз хартијата редете тенко исечени кругови домати. Празните делови пополнете ги со помали парчиња.
Над доматите посипете малку маслиново масло, сол, бибер и наредете свежи ливчиња босилек.
Исукајте го тестото и ставете го врз доматите. Убаво притиснете го и ставете да се пече 30ина минути додека тестото не фати малку боја или коричка.
Извадете го од рерна кога ќе биде готово, превртете го на чинија и уживајте во едноставниот рецепт со феноменален вкус.
Мирисот што свежиот босилек го дава е незаменлив.
Се мислевме дали да нарендаме сирење, но овој пат го оставивме така. Следниот пат, ќе го наросиме со сирење кога ќе го превртиме од печење.
Користете само бело брашно. Го пробавме со интегрално, но вкусот на брашното доминираше и не беше тоа оргиналниот вкус.
Хартијата за печење се користи за да можете полесно да го превртите тартот кога ќе биде готов.
Кога е топол доминира мирисот, кога е оладен вкусот. Мене лично оладен ми беше превкусен. Тестото е ровко, сувкаво, доматите сочни, босилекот...ај чао, одам да направам пак! =))