Домашен здрав чипс од рерна
Состојки
- 500 гр компири
- по потреба масло за премачкување
- по потреба/желба сол и/ мешан сув зачин
Подготовка
Крцкав чипс со многу малку зејтин. За 500 гр чипс, не се потрошија ни 100мл зејтин.
За правење лесно е, малку досадно, ама вреди секое четче мавнато на компирчињата.
Компирите се лупат со алатка за лупење.
Се сече секој компир тенко со истата алатка за лупење и парченцата се редат на сува чиста крпа да ја впие влагата. Од како целата крпа ќе се нареди со парченца компир, се става друга крпа врз неа и убаво се притиска.
Во тавчето за печење се става масна хартија за печење и се премачкува со масло со помош на четче.
Се редат парченцата компир едно до друго. Слободно нека се допираат, со печењето ќе се соберат и нема да се залепат едно за друго.
Со четката премачкајте ги сите наредени компирчиња и печете ги во загреана рерна на 200 степени 10ина мин. Во текот на печењето еднаш или два пати подотворете ја вратата од рерната, да излезе влагата.
Можете да ги наросите со мешан сув зачин или со сол и пред печење и по печење. Ги пробав и двата начини на зачинување и исто ми личеше.
Ако имате две тавчиња за рерна, редете и печете во двете истовремено. Јас печев паралелно во тавчето од рерната (само едно имам) и во ростерот на Делимано. Во ростерот не ставав хартија, тој не лепи воопшто, само го премачкував со масло за да бидат покрцкави чипсчињата.
Кога немав четка за мачкање (пред неколку години), сипав тенко млазче зејитн на тавчето, па после уште еднаш врз компирите. Вкусни беа и така, ама за нијанса помасни. Ова со четчево е добитна комбинација.
Инаку, експериметирав кога немав четче, па ставав масло или само на долниот дел или само на горниот и не беа крцкави, само суви и печени. Ништо посебно.
Значи, четче му е мајката, ем малку масло, ем многу крцкаво и здраво.
Толку. Нема некоја филозофија, само малку трпение за исплатливо добар вкус.