Тортички Снежана (Snow White Cupcakes)
Состојки
- 250гр. брашно
- 3 лажички прашок за пециво
- прстофат сол
- 125гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 1 јајце
- 250мл. млеко + 1 лажица
- 75мл. зејтин
- 1 лажица какао во прав
- 350-400гр. малини
- Ганаш
- 100мл. слатка павлака
- 150гр. бело чоколадо + 20гр за украсување
- Останато
- 12 хартиени корпиња за мафинс
Подготовка
Бидејќи кај нас дома поделени сме со вкусовите, т.е. едни се по чоколадните, а други по овошните десерти, секогаш сум во потрага по рецепти кои ќе ги задоволат и двете страни. Од овие тортички бевме сите ПРЕзадоволни. Ги снема за час! Пробајте ги, верувам дека и вам ќе ви се допаднат.
Подготовка
Рерната вклучете ја да се загрева на 175 степени.
Во плехот за мафини (12) ставете ги хартиените корпиња. Малините измијте ги под млаз ладна вода.
Брашното, пецивото, солта и двете врсти на шеќер измешајте ги во еден длабок сад. Во друг длабок скршете го јајцето и кратко изматете го со жица за матење. Додадете го млекото и зејтинот и повторно кратко измешајте со жицата за матење. Течните состојки постепено додадете ги во сувите состојки и притоа матете со миксер. Изматете ја смесата 1-2 минути колку состојките убаво да се измешаат.
Поделете ја смесата на два еднакви дела. Во едната половина додадете го какаото и едната лажица млеко. Убаво промешајте. Полнете ги корпињата најпрво со светлата смеса, па врз неа ставете од темната. Врз секоја тортичка ставете по три малини и нежно притиснете со прстите.
Ставете да се печат 20 минути.
Откако ќе се испечат, извадете ги од плехот и оставете на решетка да се ладат околу 30 минути. За тоа време подгответе го ганашот.
Слатката павлака ставете ја да се вари. Кога ќе дојде до точка на вриење веднаш тргнете од рингла и додадете го претходно исечканото чоколадо. Убаво измешајте додека чоколадото потполно се стопи. Ставете во фрижидер убаво да се излади. Потоа изматете со миксерот некои 3-4 минути за да добиете убав кремаст ганаш.
Врз секоја тортичка ставајте по една лажица од кремот и врз него наредете по седум малини. Посипете со рендано бело чоколадо.
На здравје!