Испечати

Слатки мафини со фил од ореви (посно)

Слатки мафини со фил од ореви (посно)

Состојки

  • 2 шољи масло
  • 4 шољи кисела вода
  • 4 шољи шеќер (може+1 ако сакате поблаго)
  • 1 пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • 22 лажици полни брашно
  • 1 лажица какао
  • 100 гр посно чоколадо
  • За фил
  • 200 гр мелени ореви
  • 100 мл вода
  • 250 гр шеќер
  • 40 гр чоколадо
  • 2-3 лажици мармалад
  • шарени трошки за украсување по желба

Подготовка

Мафини немам досега објавено иако ги правам, ама ете не им дошол редот. Денес сакам да ви презентирам една слатка варијанта на мафини, чие што тесто, а и фил се многу вкусни, иако се посни.
Инаку ми стигна и новиот шприц на Делимано, па решив и него да го испробам.

1. Сите состојки, освен чоколадата ги мешаме, сакате со рачна маталка, сакате со миксер, по желба.
2. Калапите за мафини ги намрсуваме и набрашнуваме или пак директно во корпи за мафини ја истураме смесата. Јас ги користев двата начина.
3. Во секое ставаме по половина коцка чоколадо, при што само го пуштаме во пандишпанот (ова го правите по желба).
4. Ги ставаме на печење на 180-200 степени, околу половина час. Бидејќи сите имаме различни типови на рерни, преферирам да пробате дали се печени со помош на чепкалка.
5. За подготовка на филот ги ставаме водата и шеќерот да почнат да вријат, па ги ставаме мелените ореви. Промешуваме да се врзе целата смеса, кратко, десетици секунди. На крај го додаваме мармаладот, а чоколадото го додаваме кога ќе го тргнеме филот од оган, ама со мешање, за да се стопи. Оставаме да се лади.
6. Полниме шприц со филот и декорираме.
Особено вкусни, да не ви се верува дека се посни. Пресекот не знам што ми текна го направив со нож, а многу поубав е ако го искршев мафинчето, така ќе видовте како е ровко. Ама ќе си ги направите па ќе ги вкусите.
Шољата што ќе ја користите во рецептот ја бирате по желба, мојата беше од некои 130-140 мл, а од дозата што ја направив излегоа 24 мафини.
Инаку од шприцот презадоволна, ми се допадна.