Сладолед со мента и црно чоколадо
Состојки
- За сладолед од ванила
- 4 жолчки
- 110 гр. шеќер
- 300 мл. павлака за готвење
- 300 мл. павлака за шлаг
- 1 лажица екстракт од ванила
- Останати состојки
- 1-2 лажици ликер од нане мента (по вкус)
- 100 гр. сецкана црна чоколада
- сосема малку зелена прехрамбена боја
Подготовка
Ова е еден од моите омилени сладоледи. Млечен, кремаст сладолед чии што вкус на ментол посебно освежува.
Основата на овој сладолед е сладоледот од ванила на кој потоа му се додаваат преостанатите состојки. На овој основен сладолед можете да му додадете состојки по вкус и да добиете различни видови на сладоледи (сецкано чоколадо за страчатела, пасирано овошје, сецкани бисквити, толчен крокант...)
Се подготвува на овој начин.
1. Најпрво се подготвува сладоледот од ванила. Жолчките се матат со шеќерот додека не се стопи и смесата не стане кремава.
2. Павлака за готвење се загрева да биде врела и полека со мешање се додава во смесата со жолчки. Се меша на тивок оган околу 15 мин. додека не се згусне, отприлика како поредок пудинг (јас кремот не го варам на пареа, туку на 1-1,5 од шпоретот).
3. На смесата и се додава екстрактот од ванила и се остава да се олади.
4. Павлаката за шлаг се мати со миксер колку да почне да се зацврстува и потоа се додава во оладената смеса од јајца. Внимателно се промешува со лажица.
5. На вака приготвениот основен сладолед од ванила му се додава малку прехрамбена зелена боја, ликерот од нане мента и сецканата црна чоколада.
6. Убаво се меша и се става во сад во замрзнувач за убаво да се замрзне.
Ако немате ликер од нане, можете една рака листови од свежо нане грубо да промешате со една лажица шеќер за да почне нането да пушта арома (ќе одбиете од горната количина шеќер). Смесата ќе ја додадете да одстои околу 15 мин. во врелата павлака за готвење. Потоа ќе ја процедите и ќе продолжите со подготовката според рецептот.
Уживајте во преубавиот, кремаст и освежителен вкус.