Испечати

Сладолед со ѓумбир

Сладолед со ѓумбир

Состојки

  • 250мл слатка павлака
  • 2 јајца
  • 3-4 парченца кандиран ѓумбир (по желба може и повеќе)
  • 50мл млеко
  • по желба шеќер (доколку не ви е доволно слатка павлаката)

Подготовка

Лесно и брзо, да не ве мачам многу, а кој е љубител на ѓумбир ќе се изнаужива.
Оргиналниот рецепт ми стои запишан во тефтерче скоро 5 години, не знам ни од каде сум го нашла. Идејата за сладолед со ѓумбир многу ми се допадна, ама состојките и начинот на подготовка си ги променив за да си олеснам работа. Мрзлива домаќинка, тоа е. Само барам начин како да забушам нешто =))

Ѓумбирот ситно исецкајте го или измелете го во прав во машинка за кафе или сецко, како ви одговара. Јас го сомлев и супер испадна. Во мало ѓезве ставете го млекото и ѓумбирот да се провријат, ѓумбирот да ослободи ароми. Нека се олади, а се лади брзо, без галје. Мала е количината.

Во три сада ги матиме посебно жолчките со малку шеќер, белките во цврст снег и слатката павлака убаво да се згусне. Во слатката павлака додадете го ѓумбирот и со миксерот измешајте убаво да се распореди подеднакво насекаде.
Измешајте ги сите три смеси заедно со шпатула со лесни движења.
Сипете во калап по желба и право во замрзнувач.
Толку.

Ајде сега финтици за повеќе забушување и од ова =))
1. Ако немате свежи јајца или не ставајте, нека биде само слатка павлака или матете ги на пареа. Матени на пареа нема да бидат толку пуфкави, ама ќе биде кремав по состав сладоледот. Ние имаме наши свежи јајца, па не му ја мислам многу пред да ги ставам. Најстари што може да бидат е вчерашни
2. Може ѓумбирот да биде сецкан или мелен, а може и двете ако сте љубители на покрупни парченца.
3. Бидејки ретко користиме слатка павлака дома, следниот пат сладоледов ќе го правам само со матени јајца. Посебно изматена белка, посебно жолчка, соединети и додаден ѓумбир.

Реков дека е лесно, нели?