Испечати

Колач со кајсии и афион (посно, веган)

Колач со кајсии и афион (посно, веган)

Состојки

  • За основа
  • 1 чаша ореви
  • 1 чаша бадеми
  • 1 чаша кокосово брашно
  • 1 чаша сечкани суви кајсии (откиснати во топла вода ½ час)
  • 1 чаша семе од афион
  • 1 лажица мед или некој друг засладувач
  • 3 меки свежи кајсии
  • 10 свежи урми
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • 1/2 лажичка цимет
  • За чоколаден крем
  • 1 чаша вода
  • 1 чаша кафеав шеќер
  • 1 чаша какао
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • прстофат сол
  • Сечкани кајсии и рендана кора од портокал за декорација

Подготовка

Колачов е брз и едноставен за правење иако има многу состојки, кои може да ве обесхрабрат, ама крајниот резултат е феноменален. Посен е, може да биде и вегански ако го замените медот со друг засладувач и е особено вкусен. Рецептов пред неколку месеци го најдов на интернет и трпи измени, барем кај мене. Бидејќи е сезона на кајсии, оваа комбинација особено ми се допадна и еве ја споделувам со вас.
Во сечко ги мелеме оревите и бадемите, па ги додаваме кокосовото брашно и семето од афион. Ова сето го тргаме на страна и во блендерот или сечкото ставаме урми, мед, ванилата, циметот и сечкани кајсии и сечкаме до сомелување. Двете смеси ги мешаме заедно и целата смеса ја расплескуваме. Ако сакате идеално мазна смеса, прекријте со фолија и поминете со сукало врз неа. Смесата ќе се измазни. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне и преминете на подготовка на чоколадниот крем.

Водата и шеќерот ги ставаме да се стопат, па додаваме половина од какаото со прстофат сол. Со постојано мешање кога смесата ќе постигне температура на вриење, ја намалуваме на најтивко ринглата и така вриеме едно 15 минути. Пред крај на вриењето постепено го додаваме остатокот од какаото, како и ванила екстрактот и мешаме. Смесата ќе се згусне и ја оставаме да се лади. Ако случајно ви се направат грутки промешајте со миксер. Ама ако користите рачна маталка, а не лажица такво нешто нема да се случи.
Колачот го сечеме на парчиња и на секое нанесуваме од чоколадниот фил. Декорираме со кора од портокал и сечкани кајсии.
Забелешка
Може да ви се случи, а тоа зависи од мекоста и големината на кајсиите, да колачот ви биде мек. Во тој случај, можете да ставите мелени ореви и да се згусне.