Видео рецепт: Традиционално домашно сирење
Состојки
- За СИРЕЊЕТО ќе ви треба:
- 2 л. овчо млеко
- 1 лажица сириште (маја за сирење)
- За СОЛИЛОТО ќе ви треба:
- 1 л. сурутка од самото сирење (или вода)
- 120 - 150 гр. крупна нејодирана сол
- Ќе ви треба и:
- стерилна газа
Денес ќе готвиме заедно со Лудо, готвач член на нашата веб-страница. Лудо ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Традиционално домашно сирење.
Ќе откриеме една од тајните на нашите баби за подготовка на добро домашно сирење. Можеби сметате дека тоа е сложен процес, но погледнете го видеото и ќе дознаете дека е едноставно.
Подготовка
Чекор 1: Млекото ставете го во сад и подгрејте го на температура од 37 степени. Температурата можете да ја проверите со прст, треба да е еднаква на телесната. Повисока температура може да го изгори сириштето и млекото да не се засири.
Чекор 2: Додадете го сириштето. Промешајте со бавни движења нагоре надоле кон рабовите на садот. Оставете го околу 1 час да се засири млекото. Готово е кога млекото ќе се згусне како пудинг и кога при подигнување на садот смесата ќе се одлепува од рабовите.
Чекор 3: Исечете ја смесата на коцки и повторно оставете ја да излезе течноста (односно сурутката) од неа.
Чекор 4: Ставете ја цедалката врз длабокиот сад, па над цедалката ставете ја газата. Истурете ги засирените коцки во цедалката со газа. Фатете ги краевите на газата и почнете со цедење на сирењето. Вртете ја газата за да можете убаво да ја исцедите сурутката. Треба убаво да се исцеди и да се притисне за да се спојат коцките во газата и да формираат калап. Проверете дали е убаво споено со отварање на газата. Потоа оставете го во фрижидер да отстои 24 часа и да се доцеди.
Чекор 5: За приготвување на солилото можете да ја искористите и сурутката од самото сирење и по потреба да додадете вода. Во зависност од количината на течноста за солило, додадете 12%-15% нејодирана сол. Готовото сирење се чува во солило на температура околу 16°С , или во фрижидер.
Чекор 6: Го сервираме со леб, путер и домати.
СОВЕТ: Доколку сакате зачинето сирење, може да додадете буковец, оригано или босилек во засирените коцки, пред да ги пресувате. Ние го подготвивме од домашно овчо млеко, а ако го направите од пакувано свежо млеко, пишете ни каков резултат ќе добиете.