Испечати

Погача и кифлички со зденка и маслинки

Погача и кифлички со зденка и маслинки

Состојки

  • 1 кг брашно
  • 500 мл млеко
  • 200 мл масло
  • 200 мл кисело млеко
  • 1 и 1/2 квасец
  • 2 лажичиња сол
  • за премачкување
  • 1 јајце
  • за внатрешноста
  • 200 гр маслинки
  • 2 пакетчиња топено сирење (зденка)

Подготовка

Во подлабок сад се ставаат сите состојки (без овие за премачкување) и се замесува тестото. Од вака замесеното тесто се одделуваат топчиња, секое се сука и разделува на кифлички. Исуканото тесто се сече на четвртина, четвртината дијагонално се преполовува.
Зденките (или топено сирење што се продава како намаз) се мешаат со маслинките и се става на мала оддалеченост од подебелиот крај на четвртинката која треба да се превиткува. Се превиткува од подебелиот кон потенкиот дел).

Јас од истото тесто направив и погача. Исукав 3-4 топчиња заедно, во внатрешноста премачкав со подебел слој топено сирење (тоа што е како зденка), додадов сецкани маслинки. Вака спремно го превиткав и исеков парчиња на секои 2 прсти дебелина. Ги наредив едно до друго и сами кога растат во печењето се соединуваат (а за јадење се одделуваат совршено). Може да се направи со разни филови.

Се премачкуваат со јајце, сусам и се става путер на средината и се печат до заруменување. Внатрешноста убаво се растопува кога се јаде.

Тестото е супер и за топчиња зачинети по желба или некои други интересни форми а може да се полни и со сирење, кашкавал и шунка, па дури и благичко.