Испечати

Лазања со два фила и домашни кори

Лазања со два фила и домашни кори

Состојки

  • тесто за лазањи
  • 230-250гр брашно
  • 3 јајца
  • 1лажица зејтин или маслиново масло
  • прстофат сол
  • прв фил
  • 2 главици кромид
  • 1 модар патлиџан(средна големина)
  • 100мл доматен сос
  • 1 лажичка мешан зачин
  • 1/2 лажичка бибер
  • 1/2 лажичка оригано
  • Втор фил
  • 2 главици кромид
  • 500гр мешано мелено месо(пола свинско пола телешко)
  • 400мл доматен сос
  • 300гр печурки шампињони
  • 1 лажичка м.зачин
  • 1 лажица буковец
  • 1/2 лажичка бибер малку сол и магдонос
  • бешамел сос
  • 50гр путер
  • 3 лажици брашно
  • 500мл млеко
  • 1 лажичка м. зачин
  • 1 лажичка оригано
  • 1 лажичка сув магдонос,малку бибер
  • 200гр рендан кашкавал и малку зејтин за пржење на филовите

Подготовка

Лазањите можат да се подготват во милион комбинации. Јас ќе ви презентирам еден мој начин со домашни кори за лазања.
Немој веднаш да се откажувате можете корите да ги подготвите и неколку дена пред да го подготивите ручекот. Во овој мој случај се подготвив во ист ден и тоа за два часа со се печење се беше завршено. Вкусот на овој начин на лазања е преубав пробајте го нема да жалите за потрошеното време.
Подготовка
1. На работната маса го ставаме брашното на средина правиме дупка во која ги кршиме јајцата и го додаваме зејтинот. Солта ја ставаме на краевите и почнуваме со замесување тврдо тесто. Имајте трпение за тестото сака малку повеќе работа со раце. Замесеното тесто го покриваме со целофан и го оставаме половина час да се одмори.
Во меѓувреме ја спремаме машинката за тестенини ја местам веднаш на ниво два. Тестото го делам на четири дела и секој дел го расукувам во мал круг. Пополека го пуштам низ машината два пати. Доколку приметите дека се лепи слободно посолете брашно. Откако завршивме со ова ниво завртете на четворка и повторно поминетеја кората два пати. Завршуваме со бројот шест и кората е веќе готова.
Кората ја сечеме онолку колку ни е големо тавчето. Целата постапка ја повторуваме се додека не ги изработиме преостанатите три кори. Готовите кори за лазање обложете ги на чаршав доколку лазањата ја подготвувате некој друг ден тогаш исушете ги.
Подготовка на прв фил
Кромидот ситно го сецкаме го пржиме на тивок огин додека не добие стаклест сјај. Модриот патлиџан излупете го и изрендајте, ставете го во тавата заедно со кромидот и полека на тивок огин пржиме. Модриот патлиџан треба да омекне и убаво да се испржи тогаш го додаваме доматниот сос. Сецкаме магданос и на крај го додаваме во филот заедно со биберот,мешаниот зачин и ориганото.
Подготовка на вториот фил
Кромидот ситно го сецкаме го пржиме на тивок огин додека не добие стаклест сјај. Печурките ги пропржуваме заедно со кромидот и на крај го додаваме меленото месо. Целата смеса исто така убаво ја пржиме пет минути пред крајот го додаваме сосот од домати малку да проврие со месото. Филот го зачинуваме со мешан зачин, сол, бибер, буковец, оригано и магдонос.
Подготовка на бешамел сосот
Путерот го ставаме во касерола и загреваме, брашното го пропржуваме. Млекото го додаваме постепено пополека и си ја одредуваме густината. Бешамелот нека биде малку по редок затоа што со самото ладење ја добива идеалната густина. Зачинуваме со оригано, мешан зачин, бибер и сув магдонос.

Почнуваме со подготовка на лазањата.
Тавата ја подмачкуваме со зејтин и ја ставаме првата кора. Кората ја премачкуваме со бешамел сос, почнуваме со филот од мелено месо и врз него малку рендан кашкавал. Повторно кора, бешамел сос, филот од модар патлиџан и на крај кашкавал. Оваа постапка ја повторуваме се додека не ги потрошиме сите кори. На крај завршуваме со кора премачкана со бешамел сос, рендан кашкавал и сецкан магданос.
Печеме половина час на 200степени.
Добар апетит!!!