Пита со јагоди и бело чоколадо
Состојки
- За тесто
- 400 гр. брашно
- 250 гр. путер (маргарин)
- прстфат сол
- 100 мл. ладна вода
- За посипување на тестото
- 100 гр. сецкани лешници
- 80 гр. презла
- 1 лажичка цимет
- За фил
- 1 кг. јаготки
- 250 гр. шеќер
- 1 рендана кора од лимон
- 1 лажичка екстракт од ванила
- За украсување
- 50 гр. бело чоколадо
- 3 лажици шеќер (за карамел)
- по вкус шеќер во прав
Подготовка
1. Најпрво се приготвува тестото. Брашното, прстофат сол и ладниот путер се мешаат прво со вилушка, а потоа со рака за да се направат трошки. Се додава ладната вода за да се поврзе и замеси. Тестото не треба да се меси многу за да не омекне путерот. Готовото тесто се става во фижидер да одмори додека се приготвува филот.
2. Јаготките се сечат на четвртинки и се ставаат во садот во кој ќе се готват заедно се шеќерот и ренданата кора од лимон (се оставаат неколку за украс). Откако ќе провријат се оставаат на потивко да се варат околу 20 мин. На крај се додава екстрактот од ванила и се остава да се олади. Филот треба да биде поредок бидејќи дополнително ќе се пече со питата.
3. Лешниците се ставаат во кеса и се кршат со толчник (нешто ќе се сомеле, нешто ќе остане покрупно, не е битно) па им се додава презлата и циметот. Со оваа смеса се посипува тестото, пред да се стави филот.
4. Тестото се вади од фрижидер и се сука на дебелина отприлика од половина сантиметар и со него се обложува калапот за пита (тоа што ќе ви остане можете да го чувате во фрижидер и да го употребите другпат). Мојот калап е 26.
5. Тестото се боцка со вилушка за да не се надигне при печењето и се посипува со смесата од лешници.
6. Над тоа се става филот од јагоди и се става во рерна на 180Ц да се пече околу 30-35 мин.
7. Откако ќе се олади питата се украсува со стопено бело чоколадо, карамел, шеќер во прав.
8. За украсување, белото чоколадо се топи со лажичка масло на многу ниска температура. Потоа се става во фишек од хартија за печење и се украсува оладената пита.
9. За украсите од карамел, шеќерот се топи додека не добие убава килибарна боја. Потоа се зема со вилушка од карамелот и се прават украси на хартија за печење. Кога ќе се стврднат украсите може да се стават на питата.
Наздравје нека ви е.