Јагоди во ванила
Состојки
- - за кора -
- 2 јајца
- 120 гр шеќер
- 3 лажици вода
- 2 лажици масло
- 1/3 лажиче прашок за пециво
- 130 гр брашно
- - за фил -
- 1 пакетче желе од јагоди
- 2 готови пудинзи од ванила (или 1 припремен дома)
- 100на гр јагоди + друго овошје по желба
- 1 пакетче прелив за торти
Подготовка
Веќе некое време се наканувам да направам некој десерт со јагоди. Од толку избор на рецепти низ нетот, никако да се одлучам што би им погодила на домашните, а да не најдат некоја замерка. Како што и не сме многу големи љубители на вакви овошни посластици, решив сама да импровизирам... да се прави лесно, брзо, а на крај што е најважното да е вкусно. Замислата потполно успеа.
Кремасто изматете ги јајцата со шеќерот. Намалете ја брзината на миксерот и додадете ги со ред останатите состојки за кората.
Тавчето за тарт намастете и побрашнете го пред да ја излиете смесата.
Печете на 175С.
Кога ќе излади кексот, извадете го од калапот, па повторно вратете го во него или пак доколку има солидна висина по рабовите пренесете го врз рамна чинија или подлога за торти.
Јас печев во срце калап за тарт, чија вдлабнатина треба да се обликува на долниот дел, но сепак малку тој дел го прииздлабив оти не ми е доволно висок по ѕидовите.
Пакетчето желатин од јагоди, припремете го со 200 мл топла вода. Мешајте 10на мин. и почекајте додека не почни да се здрвува, а сепак да е течно. Со него прелијте го колачот. Дел од течноста ќе се впие, а дел ќе остани на површината и ќе се желира.
Потоа нанесете го пудингот од ванила. Јас користев купен, но како одредени готови пудинзи се потечни, советувам да изберете некој поцврст или пак 1 пак. Прашок за пудинг припремете спрема упатството на кесичката, со таа разлика што ќе намалите 100 мл од млекото.
Врз пудингот нанесете исечкани јаготки, а можи да додадете и некое друго овошје по желба кое го имате во моментот.
Најгоре прелијте со преливот за торти, припремен спрема упатството.
Оставете кратко во фрижидер и потоа уживајте : )