Испечати

Мафиши - рецепт од баба Славка

Мафиши - рецепт од баба Славка

Состојки

  • 2 јајца
  • 200мл јогурт, млеко или кисела вода
  • 120мл масло или една голема лажица маст
  • 700гр брашно + окулу 100гр за домесување и сукање
  • 1 пециво (10гр)
  • по желба и потреба шеќер во прав за посипување

Подготовка

Мафиши се едни мекичиња што баба ми ги носела на повојница.
Нема кој да ми каже дали и за мене ги правела, ама еве, јас ги правам во спомен на баба <3
Од каде е името мафиши не знам, ама си се смешкам кога ќе го кажам. Претпоставувам дека личат на рачиња што МАФтаат, па МАФИШИ.

Лесни се за подготовка, мене дури и интересни ми беа и многу се радував кога ги спремав.

Од сите состојки се замесува тесто. Јас го приготвував во статичниот миксер. Прво со обичните маталки ги матев јајцата, јогуртот и маслото, а кога го додадов брашното и пецивото ги заменив маталките. Тестото е мазно и меко и без проблем се мати во миксерот.

Тестото се дели на помали топчиња. Мене ми испаднаа 16 по принципот пола на пола на пола на пола....=))
Од секое топче се сука коричка, се премачкува со масло и се редат едно врз друго.
Се сука кора од од прилика половина сантиметар, а може и потенко бидејки нараснуваат многу убаво кога се пржат.
Се сечат правоаголничиња или квадратчиња. На секое парче се прават по 2-3 засеци да личат како прстиња.
Се пржат од двете страни во длабок зејтин. Зејтинот не треба да е многу врел. Од 6 јачини на ринглата, јас пржев на 4ка.
Се вадат на хартија за да се исцедат, иако не впиваат многу масло бидејки имаат масло во себе. Сепак не се масни и тешки за јадење. Таман си се.
Се посипуваат со шеќер во прав и се ужива.

Типс енд трикс

1. Ставив во тестото 6 големи лажици шеќер ама џабе ги ставив. Не се чувствуваше благо воопшто. Ако сакате да се благи и без да ги посипувате со шеќер во прав, додадете барем 10 големи лажици шеќер.
Ако не додадете шеќер и не ги посипете со шеќер во прав, можете да ги јадете во солена комбинација.

2. Посипете ги со шеќер во прав во кој што сте додале ванилин шеќер или ако најдете ванилин шеќер во прав. Ептен се пошмекави така

Пријатно јадење! =)