Испечати

Карамел торта со лешници

Карамел торта со лешници

Состојки

  • пандишпан
  • 6 белки
  • едно лажиче сок од лимон
  • 10 лажици шеќер
  • 100 грама крупно мелени ореви
  • 100 грама пржени крупно мелени лешници
  • 2 лажици брашно
  • 2 лажици какао
  • 100 мл масло
  • фил
  • 800 мл млеко
  • 250 грама лешник карамели
  • 6 жолчки
  • 2 кесички пудинг од ванила
  • 100 грама бело чоколадо
  • 1 кесичка желатин
  • за украсување
  • 2 кесички шлаг пена
  • 2 реда рендано црно чоколадо
  • 30 грама крупно мелени пржени лешници

Подготовка

Оваа торта нон стоп ми излегуваше на фејсбук и дојде денот да ја направам. Ја направив за доаѓањето на една многу драга личност - значи беше торта за добредојде со неколку мали измени на оргиналниот рецепт.

ПАНДИШПАН
Белките ги матиме со миксер со сокот од лимон и постепено го додаваме шеќерот. Потоа без да го исклучуваме миксерот постепено го додаваме и маслото.
Брашното, какаото и мелените јатки ги мешаме заедно во посебен сад и ги додаваме во садот со белки. Мешаме полека со лажица да се соедини смесата.
Во плех од рерна ставаме хартија за печење, ја истураме смесата и печеме во загреана рерна на 180 степени околу 20 -30 минути во зависност од рерната. Проверете со чепкалка за најсигурно.
Го оставаме скроз да се излади.

ФИЛ
Желатинот го раствараме во 5 лажици вода и оставаме да набубри.
Околу 700 мл од млекото го ставаме во тенџере на тивок оган, ги додаваме карамелите и мешаме со лажица да се стопат. Ќе добиете карамел млеко кое ПРЕКРАСНО мириса.
Во останатите 100 мл млеко ставете го пудингот и жолчките и убаво измешајте со жица за матење. Потоа смесата истурете ја во млекото и сварете го филот додека да се згусне.
Го тргаме од оган и го додаваме чоколадото скршено на парчиња и мешаме да се растопи и на крај го додаваме желатинот.
Кремот убаво оладете го и пред да ја мачкате тортата изматете го со миксер.

НАПОМЕНА
Јас секогаш пандишпанот и филот ги правам навечер, па тортата ја филувам другиот ден, таман ќе се изладат убаво.

ФИЛУВАЊЕ и УКРАСУВАЊЕ
Пандишпанот го сечиме на три ленти по должина и редиме кора, фил, кора, фил, кора и ако остане премачкајте ја цела со фил.
Шлаг пената ја приготвуваме според упатството на кесичката и целата торта ја филуваме. Најпрво од страните, па потоа од горе каде оставаме место за чоколадото и лешниците ( слика)
Во празните делови ставаме лешници и чоколадо како што можете да видите од сликата.

НАПОМЕНА
По оригиналниот рецепт тортата беше само со лешници, но јас немав доволно и комбинирав со ореви а вие ако сакате направете ја цела само со лешници.
Филот беше без желатин и на крај се соединуваше со 150 грама маргарин, ако немате желатин употребете маргарин, но сметам дека со желатинот поздрвена ќе биде.
Морам да кажам дека филот е прекрасен и доколку имате некој дома кој не сака јатки во торти направете го само филот и направете торта со бисквити. Јас ја направив уште еднаш само со бисквити ( како што кажав немам дома лешници, а не сакав само со ореви да ја направам ) и беше прекрасна.
П.С
Морам да се извинам за пресекот бидејќи за малку ќе заборавев да ја сликам. Ја пресековме ја изедовме и ја оставивме на топло размуабетени и се подстопи.

Топло ви ја препорачувам и се надевам ќе ви се допадне.
На здравје !