Тегнета пита со урда
Состојки
- 1 кг брашно тип 950
- 650 мл млака вода
- 1 лажичка сол
- 500 гр солена кравја урда
- масло по потреба (околу 150 мл)
Подготовка
Сите си јадеме по дома месено, тегнето, сукано, зошто домашно си е домашно спремено. Ми се случува некој пат кога сум на работа да си купам доручек...бурек...пита...ама ретко, навистина ретко се случува да биде толку вкусен како кога е домашно подготвен. Ова не е фалба, ова е само мотивација за младите домаќинки да се обидат да направат домашна пита.
Се замесува тесто на меко и се дели на 6 дела и од секое се расукува кора со дијаметар од околу 25 см. Секоја коричка се мачка убаво со масло и се остава 20-тина минути да го впие маслото.
На чаршав ја ставаме кората и внимателно од сите страни ја тегнеме постепено додека не се истенчи убаво, да биде проѕирна.
Ставаме од урдата насекаде и попрскуваме со 2-3 лажици масло. Го подигнуваме внимателно чаршавот за кората да може да почне да ни се витка како ролатче, ама при тоа подигнување на чаршавот, треба да се полни и ролованото тесто со воздух, за да не биде многу набиено односно да биде повоздушесто. Ролатот го вртиме овално или во круг и го ставаме во намрсено тавче. Ги правиме сите теста, ја загреваме рерната на 240 степени и почнуваме да печеме. Иако нема квасец, тестото малку нараснува, па се прават интересни меури на него и откако ќе се испече делува како лиснато, а сепак е влажно.
Забелешка
Краевите на тестото кога го тегнев овој пат не ги кинев (брзав), така да ако не ви се многу дебели односно ако убаво го истегнете тестото, не мора ниту да ги кинете. Исто така има и друг начин. Кога ќе го ставите за тегнење намасленото парче, можете на краевите да го притиснете, така да нема да ви се направи задебелување на краевите. Количеството на вода за замесување зависи од влажноста на брашното. Во урдата ако сакате ставете си и некое јајце.