Домашни тортици со јагоди
Состојки
- 4 јајца
- 150 гр шеќер во прав
- 100 гр брашно
- 2 лажици путер
- 2 и 1/2 лажица млеко
- 1 лажица шеќер
- прстофат сол
- За фил
- 10-12 јагоди
- 4 лажици шеќер
- 4 лажици слатка павлака
- 100 гр бела чоколада
- За декорација
- 5 коцки бела чоколада
- 5 коцки црна чоколада
Подготовка
Што да ви кажам!?
Ја пронајдов формулата за правење на тортици кои ме потсетуваат на оние кои сме ги јаделе во детството. Ама домашно приготвени и тоа со оригинални домашни јагоди, а не со вештачки ароми.
Едноставни за правење, се разбира со мали финеси, ама ептен интересно вкусни.
1. Жолчките се матат со шеќерот во прав. Путерот и млекото се ставаат на најтивко на оган за да се растопи путерот. Постепено се додава, со просејување, брашното, а и путерот кој не треба да е многу жежок. Смесата полека и внимателно се меша.
2. Белките се матат со малку сол и една лажица шеќер, да се направат како снег. Се додаваат лажица по лажица на смесата од жолчки и се меша со шпатула полека и внимателно, за да се изедначи до хомогена смеса.
3. Тестото се пече на хартија за печење, во правоаголно тавче, (јас го користев најголемото тавче од рерна) на 180 степени, 11-12 минути. Треба да се лепи на прсти кога ќе се допре. Го вадиме од рерна, го ладиме и го сечеме на половина.
4. Јагодите со шеќерот ги ставаме да провријат на оган, околу 5-6 минути, колку да се згусне шеќерот, налик на шербет или налик на слатко. Го тргаме тенџерето на страна и ја додаваме слатката млечна павлака. Враќаме на оган, но внимаваме да не дојде до точка на вриење, само да се загрее добро слатката павлака. Тргаме на страна и го топиме чоколадото во јагодите. Ставаме во блендер или сечко, да се изедначи смесата.
5. Со оваа смеса ја премачкуваме едната половина од тестото, а другата половина ја ставаме врз филот од јагоди. Оставаме во фрижидер да се стегне.
6. Ги отсекуваме краевите за да добиеме правилни тортици (нормално...ги јадеме парченцата, демек да пробаме што сме направиле...) Сечеме форми по желба, внимателно.
7. На крај топиме од чоколадите. Го ставаме чоколадото во кесичка,која ја правиме мал отвор и со растопеното чоколадо ги украсуваме мини тортичките.