Испечати

Тулумби во ладен шербет

Тулумби во ладен шербет

Состојки

  • Шербет
  • 1кг. шеќер
  • 750мл. вода
  • по вкус лимонов сок
  • 2-3 ванили
  • Тесто
  • 500мл. вода
  • 100мл. масло
  • прстофат сол
  • 250гр. оштро (ако не најдите, тогаш меко) брашно
  • 5 јајца
  • Уште ни е потребно за пржење
  • 600-750мл. масло

Подготовка

Најпрво се подготвува шербетот.
Водата и шеќерот откако ќе зовријат, се додава лимоновиот сок, се продолжува со варење уште 10 мин.,( на умерен оган ) т.е. додека шербетот ја добие потребната густина, да биде густ.
Се додаваат ванилите. Се остава убаво да излади. Тулумбите треба да се спуштаат во ладен шербет.
Започнуваме со подготовка на тестото.
Во тенџере на оган се налеваат водата и маслото, се додава прстофат сол и се остава да зоврие. Тенџерето се трга од оган, се додава брашното, мешајќи со дрвена лажица додека смесата не се соедини убаво, да нема грутчиња. Се враќа на оган, уште малку, околу 2мин. со постојано мешање, се додека не почне тестото да се одлепува од ѕидот на тенџерето, да се собира како топка и додека не фати коричка на дното од тенџерето.
И ова се остава убаво да излади.
Се префрлува тестото во сад за месење и со постојано месење се додаваат јајцата, едно по едно и треба да се добие мазно, сјајно, меко тесто. На кој како му е полесно така ги спојува јајцата и брашното, со миксер или со рака.
Кога е готово тестото се полни шприцот.
Маслото се загрева, меѓутоа не многу, средно и се спуштаат тулумбите да се пржат, на слабо-умерен оган. Кај мене на ринглата има јачина до 9- ка, јас ги пржам на 4- ка.
Кога ќе ги спуштам со лажица ги плискам од маслото, тие ќе збуфнат, а потоа само ја занишувам тавата и тие сами се превртуваат. Се пржат додека поруменат.
Цела партија што сме ја ставиле во тавата се пржи, значи се вадат во сад настрана ( да подизладат), а потоа сите одеднаш се ставаат во изладениот шербет. Во шербетот се оставаат додека стигне другата партија (во меѓувреме ги превртуваме еднаш и од другата страна).
Тавата се трга од оган додека се вадат тулумбите и додека се полни шприцот, со цел да поизлади маслото, бидејќи рековме се ставаат во не многу жешко масло, ги спуштаме тулумбите и враќаме на оган. Маслото не треба да е на силен оган, бидејќи ќе се прави пена, а можно е и тулумбите да распукаат...И така до крај...
Остатокот од шербетот се прелива врз тулумбите, се оставаат убаво да изладат....
На здравје!!!