Испечати

Полнети пилешки гради со козјо сирење

Полнети пилешки гради со козјо сирење

Состојки

  • 500 гр пилешки гради
  • 100 гр козјо сирење
  • 50 гр запечени сечкани лешници
  • 200 гр обарени листови спанаќ
  • бибер и сол по вкус
  • неколку чепкалки за прицврстување
  • За похување
  • 2 јајца
  • 5-6 лажици пченкарно брашно
  • 3 лажици лебни трошки
  • 100 гр лешници
  • масло за пржење

Подготовка

Пресекот на овие полнети пилешки гради е особено декоративен, бидејќи спанаќот му дава свежина и убава боја, па можете овој рецепт да го искористите и за некоја прослава.

1. Пилешките гради ги сечеме по должина, за да бидат потенки. Покриени со кеса, нежно ги чукаме со чук за месо. Им ставаме сол и бибер по желба.
2. Лешниците ги сечкаме и ги потпекуваме на тава, без масло, за да пуштат мирис.
3. Спанаќот го обаруваме (јас секојпат во две до три води, за да му излезат оксалатите), го ладиме и го процедуваме. Во секој лист (или пак дел од лист) ставаме парче сирење и од здробените и запечени лешници. Го виткаме од сите страни и ова парче го ставаме на почетокот на листот стек.
4. Го виткаме стекот и го прикачуваме со чепкалка, за да кога ќе го пржиме не се отвори.
5. Секое свиткано парче го валкаме прво во пченкарно брашно, па во разматените јајца, па во презла помешана со мелените лешници. Би требало овој ред на валкање да се запази. Ги оставаме 10 минути да одморат, па ги пржиме во загреано масло, на средна температура, неколку минути.

Забелешка
Бидејќи сирењето ми е солено, сосема малку ставав сол на стековите.