Испечати

Видео рецепт: Набрани кори со урда

Видео рецепт: Набрани кори со урда

Состојки

  • За ТЕСТО ќе ви треба:
  • 300 гр. брашно
  • 175 мл. топла вода
  • 1/2 лажиче сол
  • 1 лажица масло
  • За ФИЛ ќе ви треба:
  • 300 гр. урда
  • 1 јајце
  • Ќе ви треба и:
  • масло за попрскување
  • брашно за расукување

Денес ќе готвиме заедно со Невена, готвач член на нашата веб-страница. Невена ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Набрани кори со урда.

Овие набрани кори се подготвувале традиционално во некои краеви од Македонија, а ги викале Татлии со сирење. Покрај со урда или сирење, се подготвувале и со фил од сечкани ореви.

Подготовка

Чекор 1: Ставете ги во сад брашното, солта и маслото, па со постепено додавање на водата замесете тесто. Месете додека добиете мазно и еластично тесто. Потоа поделете го на 7 топчиња, па наредете ги во тава подмачкана со масло. Премачкајте ги топчињата со масло и оставете ги да отстојат 15-20 минути.

Чекор 2: Урдата промешајте ја со јајцето.

Од секое топче расукајте многу тенка кора, така што ќе ја тенчите кората од средината кон надвор. Попрскајте ја со масло и со мешавината од урда и јајце.

Чекор 3: Со прстите направете набори, туркајќи ја средината на кората кон центарот, за да добиете форма која наликува на цвет. Секој дел преклопувајте го едно над друго, и врз секој попрскајте малку масло.

Чекор 4: Со помош на широка лажица редете ги превртени во тавата намачкана со малку масло. Попрскајте ги со масло и печете ги во загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути или додека добијат златна боја.

Чекор 5: Кога ќе ги извадите од рерна, попрскајте ги со вода, покријте ги со фолија и крпа малку да омекнат.

СОВЕТ: Послужете ги додека се топли со павлака, јогурт или кисело млеко. Веруваме дека сите на масата ќе бидат воодушевени!