Најбрзите браунис
Состојки
- 150г путер
- 150г шеќер
- 75г какао
- 3 јајца
- 75г брашно
- лажица екстракт од ванила
Подготовка
Ова е рецепт за најбрзите и највкусните браунис што некогаш сум ги пробала. Го видов на 24Кујна и морав да го направам. Има прекрасен чоколаден вкус, иако воопшто нема чоколадо во него.
На пареа се топат путерот, шеќерот и какаото, да се добие еднолична смеса. Ја тргаме на страна да се олади.
Со постојано матење ги додаваме јајцата и екстрактот од ванила (може и ванилин шеќер, ама тогаш ќе го измешате со останатиот шеќер).
На крајот се додава брашното и се меша убаво да се добие хомогена смеса без грутки. Се става во помал тркалезен калап на кој му се вади обрачот, а претходно е обложен со хартија за печење.
Се пече околу 30-35 минути во претходно загреана рерна на 160 степени. Ќе проверите со чепкалка дали е печен.
По желба се сече на коцки или триаголници, а може да се служи со слатка павлака.
Во оригиналниот рецепт има многу повеќе шеќер, поточно 275 г, меѓутоа, тоа е посебен, т.н кастер шеќер кој го нема кај нас, а се користи претежно за слатки и не е многу благ како обичниот шеќер.
Колачов е одличен за ненајавени гости.