Испечати

Јагнешко со гарнир по рецептот на свекрва ми

Јагнешко со гарнир по рецептот на свекрва ми

Состојки

  • 1 полутка јагнешко месо
  • 1/2 чаша млеко
  • 1 чаша бело вино
  • 2/3 лажици сенф
  • 1 лажица сув рузмарин
  • 1 лажица сушена мајчина душица
  • 1 лажица мешан сув зачин(или по вкус)
  • сол по вкус
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2-3 млади лукчиња
  • За гарнир
  • 2 чаши ориз
  • 2 мали конзерви грашок
  • 6 млади кромидчиња
  • 5-6 гранчиња свеж магдонос
  • 3 лажици крупен мешан сув зачин без сол
  • 1 лажица мешан сушен зачин со сол
  • сол по вкус, масло по потреба (околу 30-40 мл)
  • 1 пилешка крем супа

Подготовка

Ова беше нашиот Велигденски семеен ручек оваа година. Едноставно вкусен.

Ако мајка ми е специјалист за спремање тесто, сукање и правење секакви пити, свекрва ми е специјалист за подготовка на секаков вид месо. Така да јас си имав прилика да си ги научам подготовките на двете врсти на јадења од прекрасни учителки по домашно готвење.

Јагнешкото се премачкува со маслиново масло и сенф. Се потопува во млеко, вино, зачини, ситно сечканите лукчиња и се остава така една ноќ да престои во маринадата. Потоа заедно со маринадата се става да се пече во тава во која сме ставиле и една чаша вода, а месото го покриваме со алуминиумска фолија. Го печеме на најсилна температура, 250 степени околу 40 минути (да се издинста месото) потоа ја намалуваме температурата на 200 степени да почне на тивко да се пече. Должината на печењето зависи од јачината на рерната. При крајот (откако сме го пробале месото дали е печено), ја тргаме фолијата и го допекуваме колку да фати тенка коричка односно да зацрвени.

Подготовка на гарнирот
Младото кромитче го сечкаме на ситно и го ставаме да се пропржи на масло заедно со крупно сечканиот мешан сув зачин. По кратко пржење го додаваме и оризот да се пропржи. Ги додаваме зачините и ситно сечканиот магдонос. Сето ова го ставаме во тавче со тоа што го редиме во една половина од тавчето. Во другата половина го ставаме грашокот од конзерва. Супата ја раствораме во една шоља вода и ја ставаме врз грашокот (потребна ни е за вкус и густина и секако иако ја ставаме врз грашокот ќе се разлие и во оризот). Долеваме со вода да ги покрие состојките. Ставаме во рерна да се пече на околу 200 степени.