Велигденска коломба
Состојки
- За прво тесто
- 40 гр високоглутенско брашно
- 40 гр млако млеко
- 20 гр свеж квасец
- За второ тесто
- цело прво тесто
- 100 гр високоглутенско брашно
- 130 гр млака вода
- За трето тесто
- цело второ тесто
- 100 гр високоглутенско брашно
- 20 гр путер на собна температура
- 20 гр шеќер
- За четврто тесто
- цело трето тесто
- 210 гр високоглутенско брашно
- 120 гр (околу 2) средно големи јајца
- 80 гр путер на собна температура
- 150 гр кандирана кора од портокал
- 120 гр шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 5 гр (1/2 лажичка) сол
- За глазура
- 30 гр бадеми
- 8 гр горчливи бадеми
- 75 гр шеќер во прав
- 30 гр белка од јајце
- За декорација
- 15 - 20 бадеми
- по желба шеќерни перли
- по потреба шеќер во прав
- 1 кандирана цреша
Подготовка
Коломба е традиционален Италијански Велигденски колач. Името значи гулабица, заради карактеристичната форма во која се оформува тестото.
Растворете го квасецот во 40 гр млако млеко, додајте 40 гр брашно, добро измешајте неколку минути и оставете го првото тесто на топло да надојди, покриено со проѕирна фолија, околу 20 мин.
Во садот на стоечкиот миксер ставете 130 гр млака вода, додајте го првото тесто и добро измешајте, сосем да се раствори. Додајте 100 гр брашно и измесете го на рака или со продолжетокот за тесто, неколку минути. Покријте го второто тесто и оставете го на топло да надојдува 40 мин.
Додајте во тестото 20 гр шеќер и почнете да мешате со миксерот. Постепено додавајте 100 гр брашно, непрестано мешајќи. Кога е добро соединето, додајте го и путерот во 2 - 3 наврати со постојано мешање. Мешајте додека тестото не стане сосема мазно и елестично и не се одвои од ѕидовите на садот. Покријте го третото тесто и оставете да стасува на топло 60 мин.
Додајте 120 гр шеќер и понете да го мешате тестото. Кога цел шеќер ке се спои со тестото, постепено додавајте 210 гр брашно. Потоа додајте ги јајцата едно по едно, солта и ванилиниот шеќер. Бидете трпеливи и мешајте го тестото додека не стани сосема мазно. Во мали порции додајте 80 гр путер и продолжете со мешање десетина минути додека тестото сосема не се одвои од ѕидовите на садот. Треба да добиете мазно, сјајно и сосема еластично тесто кое мегу прстите може да се развлече во тенка мембрана. Додајте ја кандираната кора од портокал, кратко измешајте формирајте го тестото во топка и оставете го покриено да стасува на топло 75 - 120 мин. или додека не се удвои.
Стасаното тесто поделете го на два дела, 2/3 со 1/3. Од поголемиот дел оформете векна која ќе биде во средината, т.е. ке биде телото на гулабицата. Помалиот дел поделете го на два дела и од секој оформете мали векнички кои ке ги ставите од страните на телото.
Ставете го оформеното тесто во калап за Коломба , покријте и оставете на топло да стаса околу 60 мин. за кое време скоро ке се удвои.
За глазурата сомелете ги бадемите со шеќерот, да добиете сосема ситен прав. Додајте ја белката и матете додека не добиете мазна бела смеса. Ако ви изгледа ретка, додајте уште малку шеќер во прав.
Внимателно намачкајте ја горната површина на колачот со глазурата. Распоредете ги целите бадеми, посипете со шеќерни перли, обилно посипете со шеќер во прав. На делот каде ке биде главата на гулабицата со ножица направете мал засек и во него ставете ја кандираната цреша.
Печете во рерна загреана на 165 Ц 40 - 50 мин. Ако брзо ви потемнува, што зависи од рерната, покријте со алуминиумска фолија.
Оставете сосем да се олади, па чувајте добро завиткано во фолија и во најлон кесичка и до неколку дена.
Ако немате хартиен калап за Коломба, може да направите импровизиран од алуминиумско тавче за една употреба со правоаголна форма кое ќе го моделирате и ќе го обложите со навлажнета хартија за печење. За да сум сигурна дека тестото е на топло, јас го ставам да стасува во исклучена рерна, а покрај садот во кој е тестото ставам 1 - 2 чаши со врела вода.