Сурово, веганско и безглутенско колаче (па и посно ако запнеме)
Состојки
- 100гр лупен непечен сончоглед
- 100гр. лупени непечени кикирики
- 50гр непечени бадеми
- 50гр непечени лешници
- 3-4 големи лажици кокосово масло
- половина или цело стапче целјонски цимет (може и обичен цимет)
- 1 рамно лажиче немелено каранфилче
- 1 рамно лажиче (не полно) бибер во зрно
- 5-6 зрна сурово какао
- 20гр ескпандиран ориз
- 4-6 големи лажици мед
Подготовка
Многу сум си среќна кога ќе си смислам нешто и кога ќе ми се погоди.
Ова колаче го смислив за детенцето на наши мили пријатели кое е нетолерантно на глутен. Иако пријателите рекоа дека сами ќе донесат јадење за него, мерак ми беше да му приготвам нешто. На ништо не личи сите да јадат, тоа да гледа.
Им го принесов колачето на сите 4ри дечиња и го слапкаа за час. Слапкување е зборот што се користи во јавност за да звучи слатко, инаку нашиве беа умусени ко прасиња =))
Ова беше првата и за мене најубава варијанта од колачето. По ова го правев уште неколку пати, со помали и поголеми измени, со додавање на суво овошје, ама оваа комбинација за мене е најдобрата.
Подготовката е екстремно лесна, особено ако имате добар сецко или блендер.
Се става се (освен оризот) во блендерот и се меле/пасира по желба, се убаво да се изедначи.
Јас бидејки немам добар сецко, а ни блендер, се си правев пешки.
Јаткастите плодови ги мелев едно по едно. Ако ги ставам сите одеднаш ми се заглавува сецкото, па пцујам =))
Зачините (цимет, каранфилче, бибер и какао) убаво се мелат во машинка за кафе, да станат како прашинка.
Во поголем сад се меша убаво се што е сомелено и се додаваат медот и кокосовот масло. Со рака убаво се меси да се изедначи и на крај се додава оризот.
Се става во плехче, тава, обложено со масна хартија и се остава во фрижидер да се стегне. Се сечат парчиња по желба...или се крши на поминување и се гнете. Кој како ќе си ја нареди =))
На почетокот кокосовото масло може да биде во стегнато, но во текот на месењето од топлината на дланките ќе омекне и ќе се соедини супер.
Зачините секогаш ги мелам пред употреба, така аромата им е најубава.
Целјонскиот цимет има многу пати (стручно кажано нели) поубава арома од обичниот, а и помалку се става кога се приготвува нешто со него.
Биберот иако асоцира на манџа, не се секирајте, нема да ви бзди колаче на запршка =))
Во повеќето продавници за здрава храна имаат блендери или некој вид мелници во кои можат да ви го сомелат јаткастото овошје и да си олесните работа дома, а богами и да не ми горат уши од пцовки =))
Ако сакате со калапчиња можете да вадите форми. Јас за вакви работи ги користам Делимано калапчињата за колачи.
Ај чао!