Кафе торта која не се пече
Состојки
- За обложување и формирање на дно и зидови
- 250 гр. американски кекси со кршено чоколадо или чоколадно-какаови тврди кекси
- 150 гр. лешници
- 120 гр. путер или маргарин
- Ганаш
- 150 гр. темно чоколадо за готвење со 40% какао
- 75 мл. слатка павлака
- За Кафе кремот
- 200 гр. темна чоколада за готвење
- 60 гр. маслац или маргарин
- 2 жолчки
- 170 мл. јако прецедено кафе или еспресо
- 10 гр. желатин
- 50 мл. слатка павлака
- и уште 250 мл. слатка павлака
Подготовка
Оваа Кафе торта која не се пече дојде на ред и истовремено да постане и моја јубилејна. Лесна за подготовка иако многу е текст за неа.
- Изблендирајте го кексот или сомелете на машинка за ореви.
- Лешниците изблендирајте ги исто така, но сосема кратко за да останат покрупни,
- Измешајте ги кексот и лешниците - додадете го омекнатиот путер и измесете компактна смеса. Поделете ја на два еднакви дела.
- Дното на модлата (подвижно дно - модла на откопчување) обложете го со хартија за печење. Едната половина од кексовата смеса распределете ја на самото дно формирајки кора. Со другата половина од смесата обложете го зидот на модлата (страницата) но не до целата висина, туку оставете раб од околу 1 см. необложено. Ставете во фрижидер да одстои околу 10-15 мин.
Модлата е со размер од 24.
Ганаш
- Во сад ставете да ја загреете слатката павлака внимавајки да не ви проврие, тргнете - додадете го искршеното чоколадо и мешајте додека се стопи, за да на крајот силно измешате да добиете и сјај на самиот ганаш и да се добро спои веќе стопеното чоколадо со самата павлака. Извадете ја модлата од фрижидерот и исипете го млакиот ганаш - распределето го само на дното. Оставете околу 10 мин. да се лади на собната температура, потоа вратете во фрижидерот. Додека се лади - вие спремете го кремот.
Кафе крем
Најпрво сварете јако црно кафе кое прецедено треба да ви изнесува 170 мл. Оставете да се лади. Желатинот истурете го во сад и прелијте со 4-5 лажици ладна вода - оставете да набубри. Одделете 2 жолчки.
- На пареа или во сад со дупло дно ставете го маргаринот и чоколадото да се топи, стално промешувајки го да не ви загори чоколадата. Тргнете од огнот и веднаш додадете ги жолчките силно мешајки со лажицата или жицата за матење околу 1-2 мин. Стопете го набубрениот желатин над пареа и додадете кај смесата од чоколадата и жолчките, 50 мл. слатката павлака и кафето.
Со жицата за матење или со миксерот вклучен на најнискиот степен - матете да се сето тоа добро воедначи и да е хомогено - да нема грутки.
Ставете го садот со добиениот крем во фрижидерот, но повремено мешајки, не смеете да дозволите да се стегне - сепак треба да остане во течна состојба, односно треба да е оладен овој крем кој внимателно ќе го измешате со цврсто изматената слатка павлака - 250 мл. и тоа лажица по лажица ќе додавате и секој пат добро со жицата мешајте за да се спои со кафе кремот.
- Извадете ја модлата од фрижидер и сега истурете го вака добиениот Кафе крем. Вратете повторно во фрижидер и потребно е да одстои се додека сосема не се зацврсти кафе кремот. Откако добро одстојал и потполно е кремот цврст , извадете ја модлата, внимателно со рака симнувајте го работ од кексите кој останал над кремот на внатре - тоа ќе ви е украсниот раб.
Понатаму декорирајте по ваша желба. Внимателно со тенок нож поминете покрај зидот од модлата за да ја одлепите облогата, откопчајте ја - тортата веќе е готова за да ја преместите на тацна.
Уживајте!
Совет
- Доколку не сакате да ставите жолчка во кремот, не мора - може и без нив.
- Се надевам дека сфативте, се остава околу 1 см. празен раб од страницата на модлата. Кога се полни со кремовите веќе формираната облога на тортата, пак нема да се наполни и останува празнина околу 1,5 см. која на крај откако ќе ја одлепите од страницата и вракате врз кремот ќе ви биде декорацијата на самата торта - декоративен раб ,а површински како сакате така декорирајте.
Кај мене струготини од чоколада и листови од чоколада кои ги направив така што стопив чоколадо и го нанесов на листовите од трендафилите, се олади и само нај едноставно ги одлепив листовите.
- Лично на мене повеќе ми се допаѓа кога ќе ја истенчев повеќе смесата од кексот и ќе оставев да остане повисок раб на модлата кој ќе беше потоа и поширок украсен раб, но веке бидна, се стори...
Ќе заборавев да ви напоменам... и да ви одрони и падне на самиот Кафе крем од кексовиот раб... внимателно со раката пак вратете го на место, нема да се оштети ниту површината на кремот.
- ако сакате во павлаката додадете шеќер да ви биде послатко. Јас додадов само 2 лажици шеќер во прав.
- При обложувањето на самата модла со смесата од кексот која е малку ронлива, не и се нервирајте, ќе успеете да ја нанесете.