Пинџур макало со гравче (посно, без масло)
Состојки
- 500гр. грав (сварен)
- 2 страка праз (помали)
- 1 чешне лук
- 1 модар патлиџан
- 1 домат
- 6-7 печени црвени пиперки
- по вкус сол и бибер
Подготовка
Еве една комбинација од 2 наши традиционални макала. Се надевам ќе ви се допадне.
1. Во поголем сад ставете го гравчето да се вари и додадете само ловоров лист. Кога ќе биде готово, прецедете и оставете да се лади.
2. Модриот патлиџан и доматот ставете ги да се печат во рерна. Пиперки веќе имам готови од зимница, но доколку немате ќе ставите и тие да се испечат. Излупете ги сите и исецкајте.
3. Лукчето со малку сол истолчете го во сад за толчење, па додадете го ситно сецканиот праз и продолжете додека убаво не омекне.
Потоа толчете едно по едно, модриот патлиџан па пиперките и на крај и гравчето, но да има и цели зрна.
4. Убаво измешајте ги сите состојки, додадете сол и бибер и ставете во фрижидер за убаво да се спојат вкусовите.
За оние кои си постите со масло, на крај загрејте малку масло па прелијте врз макалото. Послужете со топло домашно лепче и уживајте.
Добар апетит =)