Торта Тамара
Состојки
- пандишпан
- 4 јајца
- 10 лажици шеќер
- 1 ванила
- 8 лажици масло
- 8 лажици брашно
- 2 лажици какао
- 1 пециво
- 1 фил
- 1 пудинг од ванила
- 3 лажици шеќер
- 250 мл млеко
- 1 пакетче ресани
- 1 кесичка желатин + 5 лажици вода
- 2 фил
- 1 пудинг од чоколадо
- 3 лажици шеќер
- 250 мл млеко
- 125 грама чоколадни колачиња (кукис)
- Украсување
- 2 реда чоколадо за готвење
- 1 пакетче чоко стоби флипс бонбони
- потребно е и
- 500 мл слатка павлака
Подготовка
Тортата беше за мојата комшивка за роденден која и ја направив сабајлето, а вечерта беше роденденот. Тортата беше вкусна и добро се сечеше. Доколку се решите да ја пробате ви препорачувам да ја направите еден ден порано.
Подготовка
1. Ресаните ги сечкаме на парчиња (слика)
2. Колачињата ги сецкаме во сецко.
3. Чоколадото за украсување го ставаме во сад во кој ќе го топиме на пареа и ставаме 3 лажици од слатката павлака додека е течна.
4. Брашното, пецивото и какаото ги просејуваме да нема грутки.
5. Желатинот го раствараме во водата и оставаме да набабри.
6. Слатката павлака ја матиме со миксер. Една третина ставаме во готварски шприц за украсување.
И сега сме спремни да почнеме со тортата.
ПАНДИШПАН
1. Јајцата убаво ги матиме со шеќерот и ванилата и потоа го додаваме и маслото и матиме со миксер, Потоа ги додаваме брашното, какаото и пецивото и мешаме со лажица.
2. Плехот од рерната го обложуваме со хартија за печење, ја истураме и порамнуваме смесата и печеме во загреана рерна на 200 степени околу 15тина минути. Тестото е слабо и внимавајте да не ви изгори. Го оставаме да се излади.
1 ФИЛ
1. Пудингот го вариме во млекото заедно со шеќерот. Откако ќе се свари го тргаме од оган, додаваме половина од набабрениот желатин, мешаме да се растопи и го ставаме во посебен сад, го покриваме со најлонче од горе да не фати коричка и го ставаме во фрижидер да се излади.
2.Откако ќе се излади го матиме со миксер заедно со половина од слатката павлака која ни преостана. Ги додаваме ресаните и мешаме со лажица и филот е готов.
2 ФИЛ
1. Пудингот од чоколадо го вариме со млекото и шеќерот. Откако ќе се згусне го тргаме од оган го додаваме преостанатиот желатин да се растопи. Пудингот го префрламе во посебен сад го покриваме со најлонче да не фати кора и го ставаме во фрижидер да се излади.
2. Откако ќе се излади го матиме со преостанатата слатка павлака со миксер потоа ги додаваме колачињата и мешаме со лажица. Филот е готов.
Пандишпанот го сечиме на 3 ленти по должина. Ставаме една лента, па првиот фил, втора лента, па вториот фил и завршуваме со третата лента пандишпан.
Украсување
Чоколадото со слатката павлака го топиме на пареа и ја премачкуваме тортата од горе. Додека не е стврданто ги ставаме бонбоните. Од сликата може да видите дека за на средина не ми достигнаа , па ако сакате цела да е со бонбони купете од старт две пакетчиња.
Од страна ја украсуваме со слатката павлака од шприцот.
НАПОМЕНА
Доколку сакате можете и поинаку да ја украсите.
Може во пандишпанот да ставите и јатки, но тортата беше по желба и Тамара не сакаше и затоа не ставив.
Како што кажав најдобро е да преноќи во фрижидер и другиот ден да се јаде, но доколку ви се брза како во мојот случај пак нема да погрешите.
Тортата е многу едноставна и не е скапа и тешка за правење. Сигурна сум дека многу од вас имаат своја варијанта на вакви брзи торти.
На здравје!