Закиселен кромид + предлог посен оброк (посно)
Состојки
- За кромидот
- 2 средни главици црвен кромид
- 250мл. јаболков оцет
- сок од 1 лимон
- на врв нож цимет, каранфилче и ѓумбир (вкупно 1/2 лажичка)
- 3-4 лажици шеќер
- 1 лажиче сол
- 1 мало луто пиперче (чили пиперче или во прав)
- За посен оброк
- 2 парчиња арабика леб
- 1 лажица сенф/мед сос
- 1 лажица намаз од печурки
- 1 помал домат
- 2 лажици пченка
- по вкус од киселиот кромид
Подготовка
Закиселениот кромид најчесто се употребува во рестораните за брза храна во Америка. Сендвич не е сендвич без овој додаток. Има многу начини на кои може да се подготви, со или без зачини па дури и сами да си направите комбинација од зачини која ви се допаѓа. На интернет најдов многу рецепти за подготовка па од сите заедно ете дојде и овој мој рецепт.
1. Кромидот исчистете го, исечете на половина и потоа на тенки полумесечинки. Разлистајте го и ставете во подлабок сад.
2. Во сад на оган ставете го шеќерот, солта, јаболковиот оцет и лимоновиот сок.
Доколку имате цели зачини тогаш во садот на оган ќе ги ставите прво нив да испуштат дел од мирисот. Јас користев зачини во прав. Во една филтерче од чај (претходно ќе го истурите чајот нормално) ги ставив зачините и едно мало луто пиперче исечено на половина и убаво го затворив. Така комплет оди во садот на оган. Варите на тивко додека се стопи шеќерот и солта (3-4 мин.)
3. Кромидот во садот попарете го со зовриена вода буквално нека стои 30 секунди, па прецедете. Треба само малку да омекне.
4. Потоа додека е топол соберете го во една тегла и потурете со течноста од тенџерето. Филтерчете оставете го од горе нека стои. Оставете ја теглата отворена нека се лади на собна температура, потоа затворете и сместете во фрижидер.
Користете како додаток во било каков сендвич, ќе се изненадите од вкусот.
Е сега околу посниов оброк кој брат ми го нарече Откритие на постот =)))
1. Арабика леб може да најдете во сите поголеми маркети, пакувани по 6 лепчиња. За 1 се сосема доволни 2 вака фино средени =)
2. Намазот од мед и сенф направете си го по ваш вкус. Доволна ви е 1 голема лажица за да ги премачкате двете лепчиња. Потоа премачкате со намаз од печурки (го имате рецептот од лани) или со нешто друго по ваш вкус.
3. На едниот крај наредете парчиња домат, ставете малку пченка и од кромидот и направете ролат. И толку =) ... Уживајте =)
Добар апетит =)
*За кромидот да ја добие таа црвена боја што ја гледате на сликите треба да поминат барем 2-3 дена. Кај мене е стар веќе 10тина денови.